Спасовски: Ветингот ќе биде транспарентен, ќе се одделат професионалците од оние кои го рушат интегритетот на МВР


Ветингот во МВР ќе биде транспарентен, ќе направи селекција и ќе ги одвои чесните припадници од мала група луѓе кои ја рушат довербата на МВР за свои лични, бизнис, интереси, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за МИА. Некои од припадниците на МВР имаат имот кој може да се спореди со имот на успешни бизнисмени. Работната група до први октомври ќе достави план и критериуми по кои се спроведува процесот. Тој негира дека процесот ќе се користи за политичка пресметка со неистомисленици. Мора да се изгради систем со кој ќе се штитат интересите на државата и граѓаните, да се стави крај на напредувањата во кариерата со неоформено образование, злоупотреби на овластувањата за лични интереси.

За случајот „Рекет“, Спасовски вели дека интензивно се работи по наредби на Јавното обвинителство за организиран криминал за целосно расчистување на случајот. – Тоа е многу важно за државата, истакнува Спасовски, уверувајќи дека случајот ќе се расчисти докрај, а инволвираните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

За Агенцијата за национална безбедност, Спасовски истакнува дека таа ќе биде модерна, ефикасна, ефективна служба, која ќе го штити уставниот поредок на државата.

Неодамна се одржа првиот состанок на работната група која треба да креира рамка за отпочнување на процесот на ветинг во МВР. Дали отпочнавте со утврдување на конкретниот модел за спроведување на процесот, го подготвивте ли предлог планот и што ќе опфати?

– Ние како Министерство за внатрешни работи после формирањето на Владата веднаш врз основа на Планот за реформските приоритети започнавме низа реформски процеси во рамки на МВР се со цел да се изгради, да се зајакне тој систем, да ги зголемиме капацитетите, да ја вратиме довербата кај граѓаните што беше нарушена за ова Министерство и на тој начин да се подобрува и безбедносната состојба.

Знаете дека спроведовме реформа во делот на системот за следење комуникации, ја завршивме реформата во делот на безбедносните служби, веќе од 1 септември функционира новата Агенција за национална безбедност надвор од МВР,  а еден од најважните, би рекол, клучни процеси е проверката на сите вработени во МВР.

Зошто не мотивира да го направиме овој процес како раководство на МВР и зошто практично подготвивме информација до Влада? Прво, заради тоа што се гледаа многу недостатоци во функционирањето на системот и тоа не само во МВР, туку и во други органи за спроведување на законот, правосудните органи, финансиската полиција, УЈП, Царинската управа. Најдобро е за државата да можеме да направиме таква проверка на сите вработени во целиот овој сектор. Меѓутоа, МВР веќе почна со еден ваков процес. После информацијата на Владата, се формираше работна група која покажува инклузивност, впрочем каков што сакаме и да водиме – да биде транспарентен, да биде инклузивен, во којшто ќе имаат сите доверба и конечно чесните, одговорните луѓе кои посветено работат во МВР и ги штитат интересите на граѓаните и на државата, да бидат навистина позитивно оценети, да им се даде до значење, додека, пак, онаа мала група на луѓе, повторувам мала група на луѓе, која е во институциите, посебно овде во МВР, која го компромитира и работењето на сите останати во МВР и ја руши довербата на Министерството, низ процес на една ваква селекција или проверка да се утврдат сите можни факти и на крај на краиштата да дојдеме до констатација за тоа кој треба да биде дел од МВР, кој треба да работи во ова Министерство и да ги остварува интересите на граѓаните, а кој не.

Целта на работната група е до 1 октомври да достави комплетен план за тоа како треба да се спроведе овој процес на проверки во Министерството. Значи, тие проверки треба да ја дадат можноста дали треба и каква законска рамка треба да биде усогласена, како треба да тече целиот процес на проверки, кои параметри треба да бидат земени во предвид и на основа на тоа да се изготви акциски план и критериуми како да се спроведе целиот овој процес. Тоа не значи дека оваа Комисија која е сега формирана, односно работна група, веќе започнува и конкретно со проверка на вработените, туку кога ќе се усвои оваа цела рамка до 1 октомври, ние врз основа на тоа ќе го планираме натамошниот тек на настаните во делот на проверката. Важно е дека мораме да ги одделиме чесните, одговорните и посветените, од оние кои им е се друго приоритет, освен полициската работа. Јас говорев многу пати досега, аргументите во прилог на спроведување на процесот на проверка се многубројните дипломи фалсификувани со коишто се соочивме, ги откривме во работењето во овие две години, многу процеси во коишто се вклучени полициски службеници, а се однесуваат на криминални дејствија, многу работи коишто имаат бизнис интереси, а работат во рамките на МВР. Треба да се разгледува за многу вработени во МВР како и на кој начин го стекнале имотот, дали била злоупотребена нивната положба, позиција итн., заради тоа што напоменувам дека многу од полициските службеници коишто се внатре или вработени во МВР имаат создадено имот којшто апсолутно може да се спореди со имот на бизнисмени кои со години работат во овој сектор. Така што, многу е важно ако сакаме да имаме систем што ќе функционира, систем којшто ќе ја штити државата од криминал, систем којшто ќе се спротивставува на криминалот и корупцијата, да функционира со чесни и со одговорни луѓе. За да имате целосна слика во еден ваков систем не е потребно само да имате добра информатичка технологија, да имате добри услови за работа, да имате добра опрема за вработените, најважно од сето тоа е да имате добар кадровски потенцијал којшто може да ги остварува овие задачи.

Што ќе опфати проверката и дали се утврдени јасните правила кој ќе испитува, што ќе се проверува. Рековте, меѓу другото, и што е потребно. Кој ќе ја спроведува, кој ќе одлучува од втор степен и како ќе течат роковите?

– Јас кажав дека оваа работна група има за цел точно да одговори на сите овие прашања кои сега ги поставивте. Да видиме кој ќе ја спроведува, колку работни групи ќе бидат формирани. Во пракса ќе се користат искуствата што ги имаат земјите членки на ЕУ, земјите од соседството кои поминале низ еден ваков процес на проверки на вработените. Значи, многу е важно да се утврди колку национални комисии ќе имаме, дали ќе имаме комисии на локално ниво, што ќе опфати проверката, иако генерално проверката мора да го опфати образованието, имотната состојба и полицискиот интегритет, практично како се движеле вработените во службата, дали имаат дисциплински постапки, дали против нив се поведувани други постапки, кривично правни итн. Значи, секој спектар на прашања кои ги задираат овие елементи треба да бидат дел од таа проверка. Меѓутоа, јас тоа го оставам на работната група. Работната група е составена од луѓе од МВР, од академската заедница, од невладини организации кои земаа учество во работната група. Реков дека целта ни е да биде процесот инклузивен и да биде транспарентен и на тој начин кога ќе се утврди таа рамка како и на кој начин ќе се вршат проверките, кои ќе бидат методологиите врз основа на коишто ќе се прави проверката, кој би бил органот што ќе одлучува во втор степен, од сето ова спроведување на проверките, сето тоа ќе го соопштиме на јавноста.

Дали имате контролни механизми со кои ќе се спречи сегашна или некоја идна злоупотреба на ветингот, значи со неистомислениците. Опозицијата обвини во неколку наврати дека има за лицата кои се дел од работната група која го спроведува процесот и дека зависи се од вашите одлуки?

– Целта на процесот на проверки е од прагматични причини, од причини на зајакнување на капацитетите на ова Министерство, зајакнување генерално на системот на функционирањето и на Министерството и на државата, да ги отстраниме сите овие негативни појави. Знаете, кога граѓаните на Република Северна Македонија ќе се соочат со одреден проблем со којшто впрочем секој од нас се соочува со начинот на којшто функционираат одредени луѓе, служби во МВР, секој од нас е свесен дека нешто мораме да промениме. И јас апсолутно целиот овој процес на проверки не го гледам низ призмата на политичка припадност, етничка припадност, врска припадност итн., туку едноставно сега е моментот кога треба да се справиме со арамиите, со криминалците и ако ги имаме криминалците и арамиите во нашите редови ние тоа треба да покажеме јасно пред очите на јавноста дека немаме намера, односно немаме желба да толерираме кој било кој би работел за некакви лични, сопствени, партиски, политички, бизнис интереси итн., туку треба тоа да го правиме во интерес на граѓаните. Така што, сите такви конотации коишто ќе сакаат да дадат можност дека овој процес би бил нетранспарентен, мотивиран политички не е така.

Составот на самата работна група во коишто се вклучени претставници на ОБСЕ, претставници на САД, сето тоа гарантира дека сакаме да имаме објективен процес. Впрочем, ние имавме и селекција која сега се спроведе во Управата за безбедност и контраразузнавање, а се однесуваше на проверка на лицата кои треба да преминат во Агенцијата за национална безбедност. Имавме еден беспрекорен процес во којшто на крајот Комисијата која што беше за селекција или за проверка на вработените во која што имавме и двајца пратеници и на позицијата и на опозицијата на крајот целиот процес заврши со тоа што сите заеднички го утврдиле списокот, се потпишале и гарантираат за веродостојноста на сето она што е утврдено. Така што, апсолутно сметам дека ниту политика, ниту кој било аспект можат да имаат влијание. Напротив, само критериумите коишто ќе бидат утврдени.Врз основа на тие критериуми ќе се донесат и конечните резултати. Така што, апсолутно сметам дека нема никаква можност или, пак, нема место за какво било вознемирување ниту на вработените во МВР, ниту на пошироката јавност. Едноставно тој принцип за којшто сметам дека во јавноста имаме огромна поддршка конечно да покажеме дека не може со фалсификувана диплома да се работи во МВР и да се напредува, не може со недооформено образование да преземате судбини на луѓе во свои раце, дека не може заради бизнис интерес да делувате во рамките на полициските овластувања а да остварувате свои и бизнис интереси и дека не може политиката да ги креира работењата во МВР, туку тоа може да биде изграден систем којшто ќе функционира да ја штити државата и граѓаните.

Ја спомнавте Агенцијата, кои се ингеренциите, тоа е независно тело и дали е конечно отстранета опасноста од злоупотреба, односно прислушување?

– Значи, тоа се две работи. Агенцијата за национална безбедност реков дека ние направивме реформа на системот на следење комуникации и токму при реформата на системот на следење комуникации беа исполнети препораките од групата високи експерти предводена од Рајхарт Прибе, а тоа се однесуваше како да се изгради систем којшто ќе го спречи злоупотребувањето на системот на следење комуникации, а на тој начин да се рушат човековите слободи и права. Се формираше нова Оперативно техничка агенција. Таа функционира од 1 ноември 2018 година, веќе секој од органите надлежни за спроведување на Законот, значи Бирото за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање до 1 септември сега Агенцијата за национална безбедност, военото разузнавање, финансовата полиција, Царинската управа секој од органите има право да има следење на комуникациите врз основа на даден налог од надлежниот суд и со посредство на Оперативно техничката агенција, така што воспоставени се низа механизми на контрола коишто апсолутно треба да го гарантираат начинот на функционирањето на системот на следење комуникации.

Втората реформа беше реформата на безбедносните служби и токму заради тоа го избравме тој модел во којшто се формира нова Агенција за национална безбедност која што нема да биде во рамките на МВР. Вработените внатре нема да имаат полициски овластувања, нема веќе да се говори или немаме можност да говориме за тајна полиција, која што ќе може да спроведува активности што се поврзани со полициските работи. Едноставно, се формираше Агенција која треба да биде модерна, ефикасна, ефективна служба, која треба да ја штити Македонија, да го штити уставниот поредок на државата и да штити од криминал и корупција. Тоа треба да биде воспоставена и таа е така направена, таа е така востановена како Агенција по сите модерни европски пракси коишто функционираат и во земјите во опкружувањето и во земјите членки на ЕУ. И јас апсолутно досегашниот тек на реформа го оценувам како солиден, како очекуван тек на реформа, а очекувам дека од 1 септември веќе Агенцијата за национална безбедност и во пракса ќе покаже дека основните принципи се заштита на државата и заштита на интересите на граѓаните.

Во јавноста е актуелен случајот „Рекет“. Веќе неколку лица се осомничени. Дали МВР презема дополнителни активности за овој случај? Остана отворено прашањето за парите како поткуп што беа прикажани на објавените видео снимки, дали имате сознанија каде се тие средства?

– Ние како МВР постапуваме врз основа на наредбите коишто ги дава Јавното обвинителство, бидејќи надлежен орган за водење на истрагите во Република Северна Македонија е Јавното обвинителство. Ова го објаснувам заради тоа што честопати граѓаните сметаат дека МВР е тоа кое што ги води истрагите. Ние работиме исклучиво по напатствија коишто ги даваме. Значи, во првична фаза се прибираат информации. Сите информации коишто ќе ги прибереме, ги доставуваме до Јавното обвинителство без разлика за кој предмет се работи, сега не говорам конкретно за овој случај и на основа на тоа се поведува постапката. Оттука натаму јавниот обвинител ги диктира сите активности што се во функција. Сакам да знаете дека интензивно се работи по наредби на ЈО за организиран криминал во целосно расчистување на случајот „Рекет“. Тоа е многу важно и за државата и тоа покажа дека институциите во Македонија имаат сериозен капацитет. Значи, ниту во овој случај, ниту во кој било друг случај, нема можност за заштита на кој било. И тоа е важно, институциите да функционираат на еден таков начин. Значи, се преземаат низа на активности кои треба да одговорат на сите прашања во истрагата, меѓутоа вие знаете дека истрагата е во тек, таа се води и ние не можеме да споделуваме повеќе информации со јавноста. Меѓутоа, едно треба да бидеме сигурно, воедно ја убедувам јавноста дека докрај ќе се расчисти тој случај и дека без разлика кој има учесник во таков случај – дали е политичка личност, дали е која било јавна личност или е обичен граѓанин, а учествувал во вакви активности, докрај ќе биде санкциониран, изведен пред лицето на правдата. Овој случај треба да биде уште поголем мотив и до ЈО и до судовите конечно да застанат во заштита на интересите на оваа држава, конечно сите заедно да се бориме против криминалот и корупцијата. Затоа јас повикував подолго време наназад до ЈО да преземаме сериозни мерки на борбата против криминалот и корупцијата. Ова треба да биде дополнителен мотив и граѓаните да пријавуваат, сите заедно да се бориме против криминалот и корупцијата. Ако до пред некое време, до пред две години сите заедно се боревме против авторитарен режим, да ја вратиме слободата, демократијата, да ја вратиме слободата на говорот на изразувањето, денеска веќе не можеме да разговараме на таа тема заради тоа што сето тоа го имаме во пракса во Македонија. Меѓутоа, сега е моментот за ефикасна, ефективна и неселективна многу силна борба против криминалот и корупцијата. Сега е дојден моментот да се обединиме сите и граѓаните и институциите, чесните луѓе во оваа држава и да го победиме криминалот и криминалните структури во државата.

Како ја оценувате безбедносната состојба во државата. Во билтените постојано се евидентираат напади ..

– Безбедносната состојба во Република Северна Македонија е стабилна, мирна, немаме индикации од нарушувањето на безбедноста од никој аспект и тоа е во континуитет нешто што го следиме сите заедно и МВР и Агенцијата за национална безбедност. Дека има кривично правни настани коишто ни се случуваат се случуваат и во Македонија, се случуваат и во секоја една држава во светот. Ние споредбено можеме да кажеме дека сме навистина една држава која што е помирна, постабилна, побезбедна и впрочем треба тука да го унапредуваме работењето заради тоа што сепак безбедноста и стабилноста на државата допринесува и за безбедноста на регионот. Меѓутоа, и таа е основа за економскиот развој. Само во стабилни и безбедни држави некој сака да инвестира. Ние во овој поглед, гледате како се движи во нагорна линија бројот на странските инвестиции, членување во НАТО на РСМ исто така е многу значен момент што ќе придонесе во стабилноста, така што ние постојано се справуваме со сите настани коишто се појавуваат. Точно е дека имаме настани секојдневни коишто се однесуваат, меѓутоа ако правиме споредба со минатото, ќе видиме дека разбојништвата се намалени, тешките кражби ги имаме во намалување. 2018 година беше година во која што за 10 пати во изминатите години имаме откриено наркотични средства, трговија со дрога. Таа тенденција и во 2019 година се зголемува, значи очекуваме дека и 2019 година би била година во која што повторно ќе имаме добра ефикасност. Имаме зголемување на ефикасноста во откривањето на кривичните дела, бројот на случаи на убиства е намален во споредба со минатата година. Имаме многу добри резултати во делот на малолетничката деликвенција, насилствата коишто се во училиште итн., сето тоа преку посебни планови успеваме да го превенираме. Многу е важна и превенцијата во секој еден поглед, така што заедно работиме со советите на превенциите во локалните самоуправи, тука се и медиумите коишто помагаат сите заедно да придонесеме до поголема стабилност и безбедност.

До каде се измените во Законот за сообраќајот. Што ќе бидат главните измени?

– Веќе формиравме во рамки на МВР работна група која треба да работи на измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Имаме неколку цели коишто сме ги задале. Една од целите е да имаме усогласување со Законот за прекршоци и тука клучната промена би била во делот на казнената политика, значи намалувањето на казните во делот на сообраќајот за одредени прекршувања, меѓутоа, секако дека размислуваме и во делот на заострување на казнената политика за одредени сегменти. Зошто на пример, што покажува статистиката од контролите коишто ги вршиме во делот на сообраќајот дека имаме при зачестените контроли поголем број на лица коишто управуваат моторно возило над дозволената брзина, второ, имаме лица коишто управуваат под дејство на алкохол и наркотични средства. Тука мораме да најдеме одговор на ова прашање. Имаме лица кои управуваат нерегистрирани моторни возила и токму тука сакаме да се насочиме кон зголемувањето, односно заострување на казнената политика. Ова е многу комплексен сегмент. Овде треба да се вклучат повеќе институции. Многу треба да влијае и образованието на децата уште од мали нозе во делот на однесувањето во сообраќајот, креирањето или зголемувањето на таа сообраќајна култура. Меѓутоа, сакам и преку овие законски измени да најдеме механизми коишто ќе придонесат се со цел да имаме подобра состојба на терен во делот на сообраќајот. Ние веќе активно постапуваме секојдневно со мерки на контроли, превентивно итн. контролирање на делот на сообраќајот – тоа дава ефекти, меѓутоа мора да дојдеме и до одредени намалувања на казните за тие сегменти за коишто треба да има усогласување со Законот за прекршоци. Посебно ќе се разгледува и прашањето во делот на мотоциклите. Тука имаме комплетно несериозно однесување вон сите сообраќајни прописи, неупотреба на ззаштитните шлемови односно т.н. кациги за возачите, прекумерна брзина посебно во градските средини и низа на други активности. Тука преземаме мерки и како и на кој начин да го решиме овој проблем. Ќе се оди во насока на најстроги санкции, дури и одземање на мотоцикли за најнесовесните возачи и прашањето кое што еве сега е актуелно или се отвора дополнително, тоа е за електричните тротинети коишто се движат низ улиците да се најде начин на регулација се со цел да бидат и тие заштитени, меѓутоа да бидат заштитени и граѓаните.