Спасовски: Нема потреба да се продолжи вонредната состојба


Премиерот Оливер Спасовски вечерва изјави дека нема потреба од ново продолжување на вонредната состојба. „Нема потреба да се продолжи вонредната состојба. Претходно, исто така бев против, но имавме за носење уште некои уредби во врска со здравствената и економската криза и не смееше да дозволиме да не се донесат затоа што се важни за здравјето на луѓето и за стопанството. Изборите ни се условени од вонредната состојба, таа мора да заврши, а потоа да почнат да течат останатите 22 дена за одржување на изборите. Што значи, за избори на 5 јули вонредната мора да заврши на 14 јуни, иако сепак сѐ зависи од здравствената сотуација“, рече Спасовски во интервју за ТВ 24.

Тој напомена дека државата е нефункционална и дека изборите се решение за да можат институциите да ги исполнуваат обврските во целосен капацитет.

„Што ќе ни се случува после еден месец, два, три… дали нема да има нови заразени? Ова нема да заврши преку ноќ, а ние мораме да ги комплетираме институциите. Ако имавме полн политички мандат со функционален парламент ќе беше поинаку, ќе функционираше државата. Затоа сега, според протоколите за заштита, ќе направиме сѐ да имаме безбедни избори. Ако носиме маска во маркет, во ресторан, тогаш зошто да не носиме и на гласачките места?“, нагласи Спасовски.

Тој даде и свое објаснување зошто расте бројот на заболените од корона вирусот. Според него, тоа се должи на нецелосно почитување на мерките. „Имаме околу 85 отсто кои ги почитуваат, но има и такви кои не се одговорни. Имавме крешење на полициски час, дел од луѓето сѐ уште не веруваат дека вирусот постои. Исто како што имавме инертно однесување на МВР, односно јавен настап на Наќе Чулев во кој кажа дека нема да ги казнува граѓаните кои не почитуваат мерки. Јас се обидувам да ги наведам причините кои го зголемуваат бројот на пациенти“. Спасовски рече дека има масовно тестирање во некои средини, како Тетово и Штип, и затоа има нов број заболени, „но тоа ќе се намалува деновиве“. „Ситуацијата е под контрола. Но, ние секако мораме да сме поодговорни и посвесни за ризиците“, убеден е Оливер Спасовски

Премиерот побара поголема контрола за да се почитуваат мерките. „Ако некој не ја почитува мора да биде санкциониран. Ако нема казни за литијата во Струга, тогаш се охрабруваат и други граѓани да не почитуваат мерки и да се групираат. Едноставно, со почитувањето на мерките ги намалуваме ризиците“, нагласи Спасовски.