Спасовски: Криминална група набавувала кокаин од Латинска Америка, извршила и три убиства
Организаторите создавале планови и одлучувале кој, кога и како да биде лишен од живот
До Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција денеска ќе биде поднесена кривична пријава против 16 лица кои се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства.
Како што соопшти вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се работи за Ш.М. (46), Д.И. (50), Ф.Б. (45), Б.А. (44), Р.С. (41), С.А. (44), М.Ч. (27), С.С. (36), Ш.А. (27), Ш.Б.(20), Н.И. (44), Е.И. (25), Ф.С. (43), Ш.С. (40), М.Д. (41) и О.П. (43).
Организаторите создавале планови и одлучувале кој, кога и како да биде лишен од живот, а плановите ги спроведувале лично или преку организираната криминала група. Организираната криминална група делувала на меѓународно ниво, оранизирала набавка на кокаин од јужноамерикански земји, пренесување до земјите на ЕУ, а дел бил наменет и за наркопазарот во земјава.
-Како резултат на денешните активности и извршените претреси на 20 локации во Скопје, во село Грчец и други места, шестмина од пријавените се лишени од слобода, дел подолго време престојуваат надвор од земјава, а едно лице, Р.С., е веќе лишено од слобода во Шпанија, истакна Спасовски.
Според него, при претресите се запленети голема сума пари, луксузни автомобили и други вредни предмети.
Тој рече дека „оваа криминална група која делувала на меѓународно ниво набавувала кокаин од Еквадор, Перу, Бразил и Боливија. Плановите и договорите ги правела преку непосредни контакти. Од досега спроведените мерки е документирано дека оваа група организирала две набавки на кокаин до земјите од ЕУ и С. Македонија, 435 килограми кокаин набавен од Бразил и транспортиран до пристаништето во Антверпен, Белгија. Дел од наведената количина требало да заврши и на пазарот во Македонија“.
„Групата организирала и неколку транспорти на дрога од Белгија и Албанија во С. Македонија. Припадниците на оваа група се стекнале со значителни финансиски средства кои ги инвестирале во лукзусни куќи, угостителски објекти, кои се предмет на конфискација. Организаторот на групата Ш.М. заедно со членовите организирале обид за убиство на лице од село Бардовци, убиство на албански државјанин чие тело беше најдено во село Горна Матка, како и двојно убиство случено на 5 март 2021 година во Скопје“ рече Спасовски.
МВР во координација со Основното јавно обвинителство за организиран криминал по издавањето потерници за лицата кои се надвор од земјава ќе преземе координативни мерки со поддршка на ЕУРОПОЛ за нивно лишување од слобода.
-Знаеме каде се лицата кои подолго време престојуваат надвор од земјава. Имаме детална соработка со ЕУРОПОЛ, продолжуваме понатаму со активностите, рече Спасовски и додаде дека ова е една од можеби најзначјаните истраги со која, потенцира, финишира целосното разбивање на криминалните групи кои делувале повеќе од 30 години на тероторијата на Гард Скопје.