Спасовски: „Големите ѕверки“ да бидат третирани како граѓаните


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не престанува со апелите до судиите и јавните обвинители сите да ги третираат исто, односно „големите ѕверки“ да бидат на ниво на обичните граѓани.

Откако ниту еден судија и обвинител не се препозна во неговите повици и претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев порача дека одговорноста треба да се индивидуализира, Спасовски вели дека ќе дојде момент кога сите корумпирани судии и обвинители ќе бидат посочени со име и презиме.

„Во судовите, обвинителствата и во сите органи на државна управа најголемиот дел од луѓето се чесни, одговорни и професионалци, но постојат одреден број луѓе кои не се однесуваат професионално, можеби поради бизнис-интересите, личните, партиските интереси им се поважни во нивното функционирање. Сакам таа одговорност да биде посочена со име и презиме да носат одговорност и тоа ќе биде поука за секој функционер. Ќе дојде момент кога ќе посочуваат со име и презиме“, рече Спасовски.

Тој упати апел до Јавното обвинителство и до јавните обвинители да се охрабрат да покренуваат постапки и против свои колеги и против судии, функционери и против секој во земјава кој се огрешил пред законот. Ги повика и граѓаните да пријавуваат и да покренуваат постапки нагласувајќи дека МВР им е партнер и додаде дека тој жестоко ќе се бори на политичката сцена секој да одговара подеднакво пред законот.

„Сите мора да бидеме еднакви пред законот. Секој што прави некаков пропуст, кривично дело ќе мора да одговара, ќе мора еднаш засекогаш да се напушти принципот на неказнивост. Тие што се ‘големи ѕверки’ во земјава треба да бидат исто третирани како секој обичен човек. Не може наутро едни да бидат апсени, а попладне некој да ги пушта, затоа што можеби имало влијание“, рече Спасовски.

Критиките на министерот кон судиите и обвинителите почнаа по одлуката на Кривичниот суд и одобрувањето на специјалната обвинителка на осомничениот бизнисмен Орце Камчев да му биде даден времен пасош. Јавноста дозна за неговиот времен пасош кога на Камчев заедно со ракометарите на „Вардар“ му беше доделен златен медал во Келн.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беше пуштен од куќен притвор и ја чека правосилноста на првата пресуда против него. (Ф.Ф.С.)