„Совршена бура“: Кризата во синџирите на снабдување може да ја одува светската економија од курсот


Од Ливерпул до Лос Анџелос, недостигот на енергија, работна сила и транспорт му се закануваат на закрепнувањето на светската економија од Ковид

 

Се одеше толку добро. Успешните програми за вакцинација го поттикнаа пост-пандемиското закрепнување на глобалната економија, берзите се вратија на рекордно високи вредности, а цените се зголемија доволно за да ги направат стравувањата од дефлација минато.

Но, крахот во снабдувањето што првично ја доведе во прашање достапноста на луксузни автомобили и дали ќе има доволно конзоли PlayStation на Сони под новогодишните елки, полека се претворија во сеопфатна криза со недостаток на енергија, работна сила и транспорт од Ливерпул до Лос Анџелес, и од Кингдао до Квинсленд.

Сите проблеми на еден или друг начин се испреплетени во напливот на пост-пандемискиот раст на побарувачката, но земени заедно тие го загрозуваат она што еден водечки економист го нарекува „стагфлациски ветар“ што може да ја одува глобалната економија од зацртаниот курс, пишува „Гардијан“.

Мохамед Ел-Еријан, советник на осигурителниот гигант Алијанц и претседател на Квинс колеџот во Кембриџ, вели дека изненадувачкиот пад на производството во фабриките во Кина оваа недела беше јасно предупредување дека светската економија може да падне додека цените се уште растат брзо, сценарио лично на она што за малку ќе ја потопеше Велика Британија во 1970 -тите.

„Проблемите со синџирите на снабдување траат многу подолго отколку што очекуваа повеќето креатори на политики, иако компаниите се помалку изненадени“, вели тој. „Владите треба брзо да се преиспитаат бидејќи трите елементи заедно – страната на понудата, транспортот, работната сила – можат да разгорат стагфлаторен ветер во правец на глобалната економија“.

Недостигот на енергија ја дава најострата илустрација на проблемот, со се поголем број бензински пумпи во Обединетото Кралство кои остануваат без гориво, и градовите во северна Кина кои мора да ја рационализираат енергијата и да ги принудат фабриките во број еден производствената нација во светот да затворат токму кога Божиќната побарувачка достигнува врв на запад.

И двете земји беа затекнати и се најдоа во иста ситуација, да немаат доволно резерви во услови кога целиот свет е во потрага за природен гас и за нафта, чија цена е скоро двојно зголемена за 12 месеци на речиси 80 долари за барел.

Заедно со тековните ограничувања поврзани со Ковид во некои големи производствени земји како што е Виетнам, недостигаат компоненти како што се компјутерски чипови, па фабриките едноставно не произведуваат доволно.
Британското производство на автомобили се намали за 27 отсто на годишно ниво во август поради недостиг на полупроводници и доведе до голем пад на бројот на возила извезени во Австралија, САД и Кина. Во четвртокот, неколку големи производители – Фолксваген, Форд и производителот на Опел, Стелантис, најавија ново привремено затворање во Германија поради недостиг на чипови. Опел затвора производствен капацитет до 2022 година – што најдолг ваков застој досега.
Во Јапонија, индексот на акциите на готовите производи падна на нивоа што дури и не беа забележани по земјотресот и катастрофата од цунами во 2011 година.

Но, дури и кога би можеле да добијат повеќе извори на енергија и материјали, а фабриките да произведуваат повеќе стоки, сепак тоа би чинело повеќе за да се испраќаат производите. Индексот за испорака кој ја мери цената на контејнерите, е зголемен за 291 отсто во споредба со пред една година. На некои прометни правци, како од Кина до најголемото пристаниште во Европа, Ротердам, трошоците за испорака на контејнер се зголемија за шест пати во изминатата година.

Но, проблемите не завршуваат тука. Ури и кога стоката ќе пристигне во пристаниште, недостигот на работна сила претставува дополнителен проблем во се попроблематичното патување на производите до нивната крајна дестинација. Недостатокот на возачи на камиони во многу делови на Европа, делумно поради спорови околу условите и делумно поради тековните ограничувања на Ковид, предизвикува одложувања.

Флавио Ромеро Макао, експерт за синџирите на снабдување на Универзитетот во Западна Австралија, вели дека масивната потисната побарувачка во екот на пандемијата го затегна деликатно избалансираниот економски екосистем во светот.

„Потрошувачите се луди да купуваат работи бидејќи светот е преполн со долари од владини стимулации, повисоки заштеди и поттиснатата побарувачка. Плејстејшн конзоли, лаптопи, телефони, опрема за теретана – што и да е, луѓето се обидуваат да го купат“, вели тој.

„Поголемата побарувачка и ограничената понуда е еднаква на инфлација: нема излез од тоа. Кога ќе ги споите сите овие работи заедно – тоа е совршена бура“.

Додека предупредувањата се зголемуваат за заканата од стагфлација, повеќе економисти веруваат дека централните банки можеби ќе треба да реабгираат побрзо и да ги зголемат каматните стапки, ако инфлацијата завладее во развиениот свет.

Банката на Англија обелодени дека стапките би можеле да се зголемат следната година, а американските Федерални резерви конечно го означија крајот на својот масивен план за стимулации во услови на пандемија што може да ги зголеми трошоците за позајмување во 2022 година.

Нил Ширинг, главен економист во Капитал Економикс, вели дека Велика Британија и САД се најзагрозени прегревањето на нивните економии да резултира со инфлација, што доведува до акција на централните банки.

„Ризиците се генерално зголемени и постои реална можност инфлацијата да се зголеми на многу повисока стапка што, со текот на времето, ќе наложи за посуштинско заострување на политиката“, рече тој.

Промената на парадигмата во монетарната политика по долгогодишното евтино кредитирање може да биде придружена со ребаланс на глобалната економија, бидејќи земјите се обидуваат да ги скратат синџирите на снабдување и да бидат повеќе самоодржливи преку воведување нови политики, кои промовираат независност од увоз. Ромеро Макао верува дека многу компании би можеле да ја искористат шансата да го преместат производството од Кина, каде што ја снемува евтината работна сила што го започна економското чудо, во земји како Виетнам и Мексико кое има поевтини трошоци за работна сила од Кина, што ја оваа земја прави привлечна особено за американските компании.

Ричард Флекс, главен директор за инвестиции во „Манифарм“, вели дека кризата веќе предизвикува преиспитување од страна на креаторите на политиките и деловните лидери.

„Големите корпорации и владите ги преиспитуваат своите синџири за снабдување за клучните производи, имајќи ги во предвид безбедноста на снабдувањето, како и трошоците. Очекуваме да видиме дека синџирите на снабдување во некои сектори ќе се скратат како одговор на Ковид, да се пренасочат, или компаниите да се обидат да ги диверзифицираат своите извори на снабдување“, пишува „Гардијан“.