Советот на странски инвеститори го поддржува изнаоѓањето на решение за македонските транспортери
Советот на странски инвеститори ги поздравува напорите на Владата за решавање на проблемот на македонските транспортери со новиот Систем за влез/излез на ЕУ (ЕЕС) и особено најавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, за одложување на примената на овој систем за македонските превозници до 30 септември.
Советот на странски инвеститори соопшти дека со интерес ја следи состојбата и укажува на сериозност на проблемот кој директно влијае на работењето на компаниите.
– Советот на странски инвеститори го поддржува изнаоѓањето на решение за македонските транспортери, бидејќи тоа значи заштита на инвестициите во земјата, овозможување на непречено движење на стоки, намалување на ризиците на индустриското производство, стабилност на работните места и на извозот во услови на исклучително високи ценовни притисоци на репроматеријалите и енергенсите, усложнување на логистичките рути поради кризата на Блискиот исток и висока глобална конкуренција, се наведува во соопштението.