Советот на јавни обвинители не виде докази за политички притисоци врз Ленче Ристоска
ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно ја напаѓаше Ристоска, Мицкоски ја нарече медиокритет, но тоа не е проблем за Советот на јавни обвинители
Сѐ е во рамките на вообичаеното. Ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту премиерот Христијан Мицкоски не ја загрозиле независноста на обвинителката Ленче Ристоска со тоа што постојано ја напаѓаат на прес-конференции или беше нарекувана медиокритет.
Советот на јавните обвинители денеска едногласно ја одби иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска, во која таа тврдеше дека е изложена на политички притисоци и надворешни влијанија поврзани со нејзината работа на предмети.
Во иницијативата доставена до Советот Ристоска наведе дека нападите кон неа потекнуваат од политички структури на ВМРО ДПМНЕ, а како пример наведе изјави на премиерот и објави на веб-страницата на партијата.
Во образложението беше наведено дека изнесените наводи не се доволно конкретизирани за да се утврди реално влијание врз нејзината самостојност. Според членката Маријана Илиевска, изјавите и јавните напади, иако несоодветни, не биле директно поврзани со нејзиното одлучување како обвинител.
Советот заклучи дека нема докази за загрозување на професионалниот интегритет или за надворешно влијание врз работата на Ристоска.
Ленче Ристоска реагираше на она откако премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Вечер.мк“ на почетокот од годинава ја нарече „медиокритет“ и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за „клиентелистичко-политичка мартица“. Тој тоа го кажа зборувајќи законите за правосудството и предлог-измените на Кривичниот законик. Мицкоски не ја спомнува со име обвинителката, но од содржината на изјавата е јасно дека станува збор за неа.
Ристоска е дел од ОЈО Скопје, јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа пред судот сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзино незаконско финансирање, за што се бара и конфискација на партиското седиште.
Таа нагласи дека изјавите на премиерот ги доживува како несоодветен притисок врз нејзината работа.
„Нагласувам дека во моменталните околности, претседателот на Владата е и претседател и законски застапник на политичката партија која е опфатена во кривични постапки во кои јас постапувам како јавен обвинител, и има јасен правен интерес од нивниот исход. Поради тоа, овие изјави ги доживувам како несоодветен притисок врз мојата работа и обид да се влијае врз моето постапување и одлучување“, наведува Ристоска.
Ристоска поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека ги користи сите институционални механизми кои ѝ се на располагање и дека недозволиво е било кое обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, особено од позиција на моќ.
„Јас ќе ги преземам сите институционални механизми кои ми се на располагање, бидејќи е недозволиво кое било обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ. Поднесов и тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Поднесов и за премиерот, како што е јавно објавено известување до Советот на јавни обвинители, како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“, изјави Ристоска.
Ленче Ристоска беше кандидат за нов државен јавен обвинител, заедно со уште тројца други. Премиерот Мицкоски јавно рече дека владата е против неа и знае со сигурност дека таа нема да биде нејзин предлог. Така и е се случи. За нов државен обвинител беше избран Ненад Савески. (Н.В.)