Советот на јавни обвинители ја префрли топката на повисокото обвинителство за случајот на Груби
Повисокото јавно обвинителство го врши надзорот над законитото постапување на јавните обвинители и Советот на јавните обвинители во оваа фаза на постапката нема надлежност да врши надзор, објави Советот на јавните обвинители на РСМ по јавната прозивка од министерот за правда Игор Филков да свика итна седница и да го разгледа постапувањето на јавните обвинители во случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Советот на ЈО, во соопштение објавено на својата веб-страница, посочува дека во согласност со член 28 од Законот за јавното обвинителство, повисокото јавно обвинителство е тоа што го врши надзорот.
„Во интерес на транспарентноста на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, а по повод јавната прозивка од министерот за правда на РСМ упатена до Советот да свика итна седница и да го разгледа постапувањето на јавните обвинители во случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, за да утврди дали постои одговорност кај јавните обвинители, ја информираме јавноста дека Советот во оваа фаза на постапката нема надлежност да врши надзор над законитото постапување на јавните обвинители, а во согласност со член 28 од Законот за јавното обвинителство, повисокото јавно обвинителство е тоа што го врши надзорот“, стои во соопштението од Советот на јавните обвинители.