Советот на Европа: Лоши услови и пренатрупаност во романските затвори
Условите во полициските притвори во Романија и натаму се многу лоши, додека пренатрупаноста во затворите останува сериозен проблем, се наведува во извештајот на Комитетот на Советот на Европа за спречување на тортурата.
Документот е изработен по инспекција спроведена во 2025 година во полициски притвори, затворите во Ботошани, Букурешт-Рахова, Крајова и Јаш, како и во центри за малолетници во судир со законот во Крајова и Таргу Окна.
Според објавените информации, романските затвори функционираат со пополнетост од 119,5 проценти од нивниот капацитет. Некои затвореници имаат на располагање само два до три квадратни метри простор во ќелиите, кои се во лоша состојба, со несоодветен мебел, излитена постелнина и честа наезда од бубачки и лебарки. Комитетот препорачува да се обезбедат најмалку четири квадратни метри простор по лице во заедничките ќелии.
Од меѓународното тело е забележано подобрување во однесувањето на романските полициски службеници и е поздравена политиката на „нулта толеранција“ кон лошото постапување. Сепак, забележани се и пријави за физичко малтретирање, вклучително и од деца. За справување со овие практики, Комитетот препорачува обуки за испрашување без принуда, поголема технолошка поддршка и специјализирани истражни органи во обвинителството.
Покрај тоа, иако здравствената заштита е подобрена во делот на документирањето повреди, и натаму има недостиг од медицински кадар, а потребни се и подобрувања во грижата за менталното здравје. Комитетот бара прекин на употребата на механички средства за ограничување на движењето, ограничување на употребата на солзавец и прекин на практиката на постојано носење пендреци. Исто така, посочено е дека самоповредувањето и обидите за самоубиство не треба да се третираат како дисциплински прекршоци.
Во одговорот на извештајот, романските власти наведуваат дека планираат проширување и модернизација на затворската инфраструктура со инвестиции предвидени за периодот 2026-2030 година, како и преиспитување на потребите за зголемување на затворскиот кадар во рамките на буџетските можности.