Советот на економски експерти предвидува стагнација на германската економија


Германскиот совет на економски експерти во средата ја намали својата прогноза за германската економија и сега очекува најголемата европска економија да стагнира оваа година, бидејќи продолжува да се соочува со „изразена фаза на слабост“, рекоа тие.

Во своите претходни прогнози, објавени во ноември, академските експерти кои ја советуваат германската влада за економската политика и се познати како Петте мудреци предвидоа економски раст од 0,4 проценти за 2025 година.

Германската економија продолжува да се соочува со „изразена фаза на слабост“, соопшти советот на економски експерти во Берлин. Германија беше единствената членка на групата од седум водечки економии во светот (Г7) која не успеа да постигне раст во последните две години, оптоварена со фискални ограничувања и пад на индустријата, потсетува Ројтерс.

Се очекува царините што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп да нанесат голем удар врз извозно ориентираната економија на Германија. САД беа најголемиот трговски партнер на Германија во 2024 година, со билатерална трговија во вкупен износ од 253 милијарди евра (284 милијарди долари).

– Германската економија во блиска иднина ќе биде значително погодена од два фактори, американската царинска политика и фискалниот пакет, изјави Моника Шницер, претседателка на Советот на економски експерти.

Германија, од друга страна, во март одобри фискален план кој вклучува посебен фонд од 500 милијарди евра за инвестиции во инфраструктурата и во голема мера ги отстранува инвестициите во одбраната од правилата што го ограничуваат задолжувањето. Фискалниот пакет нуди можности за враќање на патот на раст, велат економистите.

Почнувајќи од 2026 година, средствата обезбедени од фискалниот пакет ќе обезбедат позитивни импулси за инвестиции во градежништво и опрема, како и за владини трошоци, соопшти советот, предвидувајќи раст од 1,0 проценти на германската економија следната година.

Се очекува личната потрошувачка да порасне малку посилно следната година отколку во 2025 година, бидејќи расположливиот доход ќе се зголеми значително во реални услови, додаде Советот.

Прогнозата на економските експерти, според тоа, се совпаѓа со намалените проекции на претходната влада во април, според кои се очекува економска стагнација и во 2025 година. Владата, исто така, предвиде само минимален раст на БДП, од еден процент, за 2026 година.