Советниците не чинат 3,5 милиони евра годишно


Годишните трошоци за исплата на надоместоците на општинските советници во Северна Македонија изнесуваат над 215 милиони денари, односно преку 3,5 милиони евра, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации на податоците за 2019 година.

Вкупниот број на советници во сите 80 општини и Градот Скопје достигнува 1.319. Најголеми годишни трошоци за советници има Градот Скопје – 214.000 евра, во првите пет се уште и Куманово (115.000 евра), Тетово, Битола и Гостивар (сите со околу 104.000 евра). Најмалку за советници троши Општина Вевчани (9.000 евра), Зрновци (14.000 евра) и општините Новаци и Конче (по 16.000 евра).

Анализата на Центарот за граѓански комуникации покажува и дека само 12 општини не го исплатуваат максималниот месечен надомест што им го дозволува законот, а некои општини дури исплатуваат и поголем надомест од законскиот максимум.

Согласно законот, месечните паушали се највисоки во Град Скопје и се во висина на просечната плата исплатена во државата во претходната година. Во останатите единици на локалната самоуправа месечниот надомест се утврдува како процентуален износ од просечната месечна плата во претходната година, но не повеќе од 40% во општини до 10.000 жители, 50% во општини од 10.001 до 25.000 жители, 60% во општини од 25.001 до 50.000 жители и 70% во општини над 50.001 жител. Претседателите на советите добиваат за 30% поголем износ на паушал од советниците.

Оттука, месечниот надомест за советниците на Град Скопје во 2019 година изнесува 24.276 денари, а на претседателот на Советот 31.559 денари. По општини, највисок месечен паушал имале советниците на Општина Кичево каде им е плаќано по 19.610 денари, а најнизок месечен паушал имале советниците на Општина Вевчани во износ од 4.855 денари. Податоците претставени во следниот табеларен приказ се обезбедени преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Највисоките (лево) и најниските (десно) месечни примања на советниците / ФОТО: ЦГК

Во 12 општини исплатувани се паушали кои се пониски од законски дозволениот максимум. Значително пониски паушали од дозволените се исплатувани во општините Вевчани, Липково, Василево, Студеничани и Зрновци. Кај следниве седум општини, паушалите се само за помалку од 10% пониски од максималните: Делчево, Јегуновце, Новаци, Чешиново-Облешево, Арачиново, Ново Село и Конче.

Спротивно, паушали повисоки од законскиот максимум има кај 15 општини. Од нив, кај 10 општини станува збор за мали разлики од 1% до 4% и можат да се објаснат дека се од техничка природа, но кај пет општини станува збор за износи на паушалите кои се поголеми од максимално дозволените за 11% до 18%. Станува збор за општините Пробиштип, Врапчиште, Кичево, Могила и Карбинци.

Инаку, за да се исплати месечниот паушал на советниците, мора во месецот да биде одржана барем една седница на советот. А токму овде има и голема разноликост во однос на бројот на одржани седници на советите на општините. На врвот е Градот Скопје со одржани 27 седници годишно, а на дното се Сарај, Студеничани и Пласница со по 9 седници и Центар Жупа со само 6 седници.

Сведено според учинок, односно кога исплатените вкупни пари по советник ќе се стават во однос на одржаните седници, произлегува дека најплатени се советниците од Кичево, кои добиваат 18.102 денари по седница, а најмалку платени советниците во Вевчани по 4.855 денари. Советниците во Град Скопје кои земаат месечно највисоки паушали, всушност добиваат по 10.789 денари по седница.