Состојбата со мајмунските сипаници сè посериозна: Уште една европска земја воведува карантин

Белгија стана првата земја што воведе задолжителен карантин за заболените од мајмунски сипаници. Сите позитивни одат во изолација 21 ден. Болеста е потврдена во 14 земји, a „значителен пораст“ на бројот на заболени има во Велика Британија


Белгија стана првата земја која воведе задолжителен 21-дневен карантин за мајмунски сипаници, а набргу потоа слична одлука објави и Обединетото Кралство, пренесува „Дејли меил“.
„Заразените со вирусот ќе мора да одат во самоизолација три недели“, соопштија белгиските здравствени власти откако беа пријавени три нови случаи во земјата. Сите заразени се поврзани со фестивалот во пристанишниот град Антверпен.
Лекарите предупредија дека Велика Британија се соочува со значително зголемување на инфекциите и дека е од клучно значење да се спречи нејзиното ширење. Д-р Клер Диснеп, претседателка на Британската асоцијација за сексуално здравје и ХИВ, рече дека епидемијата може да има влијание и врз пристапот до услугите за сексуално здравје во Британија.

(Илустрација: „Дејли меил“)

Во Обединетото Кралство се откриени 11 нови позитивни лица, со што вкупниот број се искачи на 20. Меѓу нив е и едно дете кое е во критична состојба во болница во Лондон.

Во Европа веќе се пријавени 100 инфекции, а во следната недела се очекуваат нови позитивни. Постојат стравувања дека вирусот веќе „циркулира во општата популација“, предупредуваат британските лекари.