Состојбата со Ковид-19 критична, Филипче апелира да се почитуваат мерките

Фото: Б. Грданоски

Состојбата со Ковид-19 е критична, а болнииците веќе ги полнат сите капацитети, порача вчера министерот за здравство Венко Филипче, апелирајќи до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

Според вчерашниот медицински билтен, во болниците во земјава вкупно се хоспитализирани 973 заболени или сомнителни пациенти со Ковид-19. Поради се поголемиот број заразени на кои им е потребна хоспитализација, од саботата пациенти со Ковид-19 почнаа да примаат и интерните клиники на Клиничкиот центар во Скопје, каде има 150 болнички кревети.

Како што информира вчера Министерството за здравство во деноноќието меѓу саботата и неделата биле направени 2667 тестирања на Ковид-19, при што се регистрирани 978 нови случаи. Во исто време, Институтот за јавно здравје вчера регистрира 24 оздравени пациенти од, додека починаа 26 лица инфицирани со Ковид-19.

Со овие последни бројки вкупната цифра на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата достигна 39760, од кои оздравеле 23035, 1136 починаа, а бројот на активни случаи изнесува 15589.

Министерот за здравство во порака до граѓаните предупреди дека пред нас веројатно е најтешкиот период на справувањето со пандемијата со Ковид-19.

– Барам сите да бидеме максимално одговорни и свесни за сериозноста на состојбата. Вирусот е широко проширен. Секое најмало невнимание или непочитување на мерките за заштита може да значи инфекција. Сега ни е потребна поддршка повеќе од било кога во изминатите осум месеци. Тоа што го бараме како здравствени работници е навистина малку – само да го штитите сопственото здравје, порача министерот Филипче.

Според Филипче, колку доследно ќе ги почитуваме мерките за заштита ќе биде одлучувачки за тоа колку дополнително ќе се жртвуваме до крајот на пандемијата, при што секој за себе треба да реши дали неговата жртва ќе е носењето маска, негрупирање, држење дистанца или пак жртвата ќе значи продолжување на здравствената и економска несигурност.

– Изборот е тој, а моќта за промена на работите е кај секој од нас. Почитувајте ги мерките доследно. Носењето маска и држењето дистанца се многу мала жртва во споредба со се друго, посочи Филипче во видео обраќањето до граѓаните.

Тој повика претстојните слави и празници оваа година да ги прославиме само со најблиските и да нема групирања по домовите, за да сеспречи натамошно ширење на заразата со Ковид-19.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистира на оставка на министерот Филипче, обвинувајќи го дека е одговорен „за сите задоцнети реакции и изгубени животи“.

– Филипче мора да си даде оставка, зошто Македонија нема повеќе животи за губење, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, додавјаќи дека секој ден е нов пик на новозаразени, и секој ден губиме по десетина наши сограѓани.

Според партијата, само во претходните два дена се направени вкупно 6.486 тестови, од кои дури 3.086 во приватни клиники, за што граѓаните платиле близу 9.258.000 денари, односно близу 150.000 евра или, како што пресметале, вкупно досега за тестирање се потрошени над осум милиони евра.

На ова возврати СДСМ, потенцирајќи дека сите пациенти кои преку матичен лекар се упатени за тестирање за Ковид-19 во јавното здравство се ослободени од плаќање партиципација за дијагностика и лекување.

– Тестови за коронавирусот има доволно и дополнително се зголемуваат капацитетите. Со ребалансот на буџетот се обезбедени 243 милиони денари, кои ќе се распределат за набавка на тестови и вакцини за ковид 19, и за лекот Ремдесивир, како и за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од корона вирусот, се наведува во соопштението на СДСМ.

Според вчерашните податоци на сајтот „Ворлдметер“ во светот досега од Ковид-19 биле инфицирани 50.377.799 лица, од кои починале 1.258.066, а оздравеле 35.620.816.