Соработници на Трамп го советуваат да не му верува на Путин

Меѓу оние што бараат поцрвст став спрема Москва се државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеникот за Украина, Кит Келог


 

Високи соработници на американскиот претседател Доналд Трамп го советуваа да не им верува на изјавите на руската влада за барање мир со Украина и да го заостри својот став кон Русија, изјавија извори од Белата куќа за „Волстрит џорнал“. Според нив, советниците на Белата куќа инсистираат на промена на пристапот, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин сѐ уште не покажал искрен интерес за прекин на борбите. Во групата на оние кои сакаат да ја променат позицијата на Трамп, според весникот, се специјалниот пратеник за Украина, Кит Келог и државниот секретар Марко Рубио.

Сепак, како што забележуваат изворите на весникот, Трамп во моментов повеќе го слуша својот специјален претставник Стив Виткоф, кој се состана со Путин три пати во последните два месеци и инсистира на тоа дека рускиот претседател сака да постигне мир. Во исто време, според Ројтерс, Виткоф смета дека САД треба да ја признаат контролата на Русија врз окупираните региони на Украина. Тој зборуваше и за можноста да се даде нов облик на односите меѓу Вашингтон и Москва преку „привлечни комерцијални можности“. Сепак, Трамп ги повика руските власти да работат поактивно за постигнување мир и рече дека на Путин му поставил краен рок за прекин на огнот, но не наведе точен датум. Пред тоа, како што напиша Блумберг, шефот на Белата куќа очекуваше да склучи договор до 20 април, денот на православниот и католичкиот Велигден или до 30 април, по повод 100 дена од инаугурацијата на претседателот.

Претходно шефот на Белата куќа изрази незадоволство од тековното бомбардирање на Украина од страна на Русија. „Тие бомбардираат како луди во моментов. <…> Не знам што се случува таму. Не е добра ситуација“, рече Трамп, уверувајќи дека Вашингтон се приближува до прекин на огнот за време на преговорите со Москва и Киев. На крајот на март, американскиот претседател се закани дека ќе воведе секундарни санкции за целата руска нафта доколку Путин го наруши мировниот договор. Конкретно, тој дозволи воведување на царина од 25-50% за стоки од земји кои купуваат руска нафта. Тоа би значело дека оние кои купуваат нафта од Русија нема да можат да работат во САД, прецизира Трамп.