Сопственикот на објектот на „Пулс“ не сака да доаѓа на рочиштата – судијката му се закани со притвор, тој го прифаќа
Гроздан Милковски, сопственик на објектот во кој беше сместена дискотеката „Пулс“, денеска, пред почетокот на рочиштето за трагичниот пожар, рече дека слушнал како некои групи во Кочани „се спремаат да го лишат од живот“.
Тој беше хоспитализиран во болница и едно од рочиштата беше одложено поради тоа, но сега тврди дека иако го пуштиле од болница, сериозно е болен. Тврди дека имал сепса на градите и бактерија во грлото.
– Јас не можам повеќе да плаќам шофери да ме возат на рочиштата, час и пол натака, час и пол навака. Се враќам и во кревет се борам за живот. Слушам и дека некои групи во Кочани се спремаат да ме лишат од живот – рече обвинетиот Милковски.
Судијката Дијана Груевска Илиевска рече дека е информирана од лекарите за неговата здравствена состојба.
– Знам дека ви е најдена бактеријата. Судот направи сѐ што можеше, судот не може да ви обезбеди превоз до судницата – рече судијката.
Милковски кажа дека нема да доаѓа од следното рочиште, а судијката му кажа дека ако не дојде на следното рочиште, ќе предложи притвор за него.
– Ако треба, ќе одам во притвор – рече Милковски.
Одбраната предложи судот да донесе одлука за спојување на оваа постапка со новиот предмет во кој Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против 13 полициски службеници.
Одбраната посочи дека станува збор за исто кривично дело и дека оштетените се исти.
Обвинителите рекоа дека не се надлежни да постапуваат во предмети кои се водат во друго обвинителство.
Ова прашање е надминато на самиот почеток. Нѐ зачудува фактот што одбраната често тука и во јавноста реагираат на обемноста на предметот и обвинетите, а сега бараат спојување – рекоа кочанските обвинители.
Ако судот одлучи да се спојат двата предмети, тоа би значело дека судскиот процес ќе треба да започне од почеток, пренесе Скопје1.
Газда Деко се жалеше дека душекот во затворот не му е добар
Адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, на минатото рочиште побара судот да донесе решение за пренесување на Јованов во затворот во Идризово бидејќи затворскиот персонал од затворот во Куманово, како што рече, се однесува „деградичарки нечовечки и понижувачки кон обвинетиот“.
На денешното рочиште Коцевска изјави дека управата на Истражниот затвор – Скопје во Шуто Оризари усно ја известила дека во притворот има капацитет да го прими нејзиниот клиент.
– Судот не ми одговори на барањето Јованов да биде префрлен од притворот во Куманово во притворот во Шутка, па затоа повторно упатувам барање тој да биде преместен – вели Коцевска.
Но, обвинителството прочита известување од затворската управа во Куманово дека откако Јованов се пожалил пред судот, разговарале со него и немал никакви забелешки за нечовечки однос кон него, како што тврдеше неговата адвокатка на минатите рочишта, се жалел за душекот и дека многу често се вршеле претреси во неговата ќелија.
Од управата апелираат да не се земаат предвид паушални изјави што го нарушуваат угледот на затворот. Појаснуваат дека редовни претреси се прават во сите ќелии, а не само кај него.
Според адвокатката Коцевска нормално е од затворот да кажат дека обвинетиот рекол дека не се однесуваат нечовечки кон него. Се обиде да ја прочита медицинската документација, затоа што Јованов имал тешка операција, ама судијката ја прекина и рече документацијата да ја достави до затворот во Куманово.