Сопругата на градоначалникот на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ избрана во Судскиот совет


Данка Ристова

 

За Ислам Абази беше „наместен“ изборот за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, додека на Данка Ристова за член на Судскиот совет нема ништо спорно.

Така денеска течат реакциите по изборот на сопругата на градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, од ВМРО-ДПМНЕ за член на судскиот совет на вчерашните избори меѓу судиите од штипското апелациско подрачје.

Данка Ристова е избрана за член на Судскиот совет на местото на Лорета Ѓорѓиева на која ѝ истече мандатот.

Од СДСМ сметаат дека станува збор за скандал и за партизација на Судскиот совет од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо реформи гледаме брuтална партизација на судството, би рекла дури и окупација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се партиски инсталации во судството како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано се прави и сега. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш одговорија дека Данка Ристова била професионалец, а не партиски послушник. Тие сега велат дека „Судскиот совет е независно тело“, иако до вчера тврдеа дека е партизирано.

„Обвинувањата дека градоначалник на мала општина како Радовиш има било каква моќ или влијание врз процеси од национален карактер, како што е изборот на членови на Судскиот совет, се апсурдни и далеку од реалноста. 

Градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, како и сите градоначалници, има јасно дефинирани ингеренции поврзани со локалното управување и решавање на секојдневните проблеми на граѓаните на својата општина. Тврдењата дека тој на кој било начин може да влијае врз институција како Судскиот совет, која е независно тело, се само уште еден доказ за очајот на СДСМ и нивната потреба да фабрикуваат скандали. 

Дополнително, изборот на Данка Ристова за член на Судскиот совет е направен согласно законските процедури, а нејзините професионални квалификации се клучни за оваа функција. Данка Ристова е докажан професионалец, кој повеќе од 30 години е во правосудството, и таа е избрана со мнозинство гласови на непосредни избори од штипското апелациско подрачје… Заедно со народот, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја обезбеди таа победа на правото над хаосот и корупцијата“.

Судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип беа избрани за нови членови на Судскиот совет по изборите кои вчера се одвиваа во изборните места во сите судови ширум земјава.