Сообраќајот се одвива непречено, по влажни коловози


Фото: Б. Грданоски

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Снег врне на Попова Шапка и слаби врнежи на Стража ,Маврово и Пресека.

На патниот правец А2 Свети Николе – Миладиновци на 10 километри пред Миладиновци, поради свлечиште и голем одрон, сообраќајот е пренасочен само на една коловозна лента во должина од 150 метри. На самото место, информираат од АМСМ, е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, е затворен за сообраќај за сите видови на возила, од 15.11.2021 до 01.04.2022. Од охридска страна, сообраќајот ќе се одвива до месноста Корита.

Од 15.11.2021 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2022 година.