Softelligence ќе инвестира милион евра во центар за испорака во Скопје

Меѓународната технолошка компанија Софтелиженс (Softelligence) денеска најави дека ќе инвестира милион евра во државава во следните две години преку изградба на Центар за испорака во Скопје.
Компанијата е специјализирана за дизајнирање и испорака на комплексни решенија и интегрирани платформи водени од податоци и вештачка интелигенција.
Со инвестицијата, според најавата од компанијата, ќе се отворат 100 работни места за ИТ професионалци во наредните две години: развој на софтвер и инженери, аналитичари на податоци, водачи на тимови, архитекти за решение, научници за податоци и други позиции.
-Фокусот на нашето присуство во Северна Македонија ќе биде да изградиме тим од професионалци кои дизајнираат и имплементираат комплексни софтверски решенија за големи глобални клиенти. Планираме да прераснеме во Хаб за одличност во Источна Европа за консултантски услуги и дигитална трансформација, конкретно опслужувајќи големи меѓународни компании за финансиски услуги – банки, заемодавачи, лизинг, осигурителни компании и брокери, вели во пишана изјава основачот и извршен директор на Softelligence, Адријан Блидарус.
Компанијата ветува конкурентни плати и одлични услови за работа, но и можност за професионален развој, учење од меѓународни експерти, обука и развој на нивните кариери и проширување на нивните хоризонти. Локалниот тим во Северна Македонија ќе има поддршка од 250 интернационални ИТ експерти и ќе биде вклучен во постоечки и нови глобални проекти, помагање на клиентите да распоредат најсовремени решенија како што се интегрирани платформи, напредна и предвидлива анализа на податоци и вештачка интелигенција.
Седиштето на Softelligence е во Лондон, а има два центри за испорака во Букурешт и Крајова, Романија. Компанијата е основана во 2006 и е рангирана меѓу првите 150 најбрзо растечки технолошки компании во Европа од страна на Financial Times.