Софија очекува да се врати „позитивниот дијалог“ со Скопје
Бугарските пратениците без расправа и едногласно од 178 гласа донесоа декларација во врска со дијалогот меѓу Македонија и Бугарија по влошувањето на односите поврзани со скандалот околу знамето и подоццна со ригидните изјави на потпретседателот на македонската влада, Александар Николоски.
Точката беше ставена на дневен ред на последната собраниска седница пред изборите на 27 октомври, а само неколку часа претходно декларацијата беше одобрена во комисијата за надворешни работи, која исто така се состана на вонредна седница на оваа тема.
Во декларацијата се наведува дека „Бугарија инсистира да се врати позитивниот дијалог со Софија прекинат од Скопје, да се запрат антибугарската кампања и провокативните изјави“ во Македонија.
Се декларира и политичка намера за завршување на Коридорот 8 од бугарска страна и се повикува Македонија одговорно и со добра волја да пристапи кон сите преземени обврски и договори на македонска територија.
Во декларацијата се наведува дека има волја на бугарската држава и институции во однос на организирање на заеднички прослави на заеднички историски настани и личности „со оглед на богатата заедничка историја на двете земји и изразува категорично несогласување со негирањето на заедничката историја на Македонија и Бугарија од страна на членовите на Владата на Македонија, што претставува директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“.