Социјалистот Емануел Грегоар е идниот градоначалник на Париз


 Кандидатот на Социјалистичката партија, Емануел Грегоар, победи на вчера одржаниот втор круг од изборите за градоначалник на Париз. Тој функцијата ќе ја преземе од неговата сопартијка Ан Идалго. Дијаметрално спротивно, крајната десница извојува убедлива победа во градот Ница, град на француската ривиера.

Изборите се индикатор за односот на политичките сили во Франција воочи претседателските избори закажани за наредната година. 

Иако се уште не се објавени конечните резултати, Грегоар прогласи победа откако нецелосните резултати покажаа убелива предност пред противкандидатката од редовите на конзервативците, Рашида Дати, која и самата го призна поразот.

„Вечерва победи конкретна визија за Париз – жив Париз, прогресивен Париз“, изјави Грегоар и на својот велоспиед се упати кон Градското собрание. Тој додаде дека градот „ќе биде срцето на отпорот“ против десната коалиција и крајната десница, воочи претседателските избори догодина.

Француските гласачи вчера излегоа на избирачките места во 1500 населени места, бирајќи градоначалници и пратениците во општинските совети со шестгодишен мандат.

Крајната десница најголемиот успех на изборите го постигна во Ница – петтиот по големина град во Франција, со изборот на Ерик Сиоти од редовите Републиканците, партијата што е во коалиција со партијата „Национален фронт“ на Марин Ле Пен.

Партијата на Ле Пен загуби во неколку градови кои ги имаше означено како приоритетни. Меѓу нив се Марсеј – вториот по големина град во Франција, каде што победи досегашниот левичарски градоначалник Беноа Пајан, пред крајнодесниот кандидат Франк Ализио.

Кандидатите на крајната десница изгубија и во Ним и пристанишниот град Тулон на Средоземното Море, што беа таргетирани како клучни приоритети за „Националниот фронт“.