Собранието ќе избира членови на Државната изборна комисија и на Комисијата за антидискриминација
Собранието на денешната 31. седница ќе избира претседател и членови на Државната изборна комисија и на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери синоќа закажа нова пленарна седница, откако вчера Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја утврди листата на кандидати за членови на ДИК. Џафери потоа оваа листа со имињата на 14 -те пријавени кандидати ја достави до партиите кои треба да се изјаснат кого ќе поддржат.
Извесно е дека до претпладнево партиите ќе достават предлози до Џафери, бидејќи тој веќе закажа нова пленарна седница за избор на членови на ДИК. На ова заседание, пак, му претходи уште една седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која треба да бидат соопштени имињата на поддржаните кандидати.
Досега само ВМРО-ДПМНЕ ја потврди поддршката за Александар Даштевски за претседател на ДИК, а другите имиња официјално не се соопштуваат.
Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15 јануари.
На 31. седница ќе бидат избрани и членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. На пленумот му беа доставени предлог-кандидатите состав на Комисијата, откако веднаш по новогодишните празници заврши постапката за нивен избор пред Комисијата за прашања на изборите и именувањата.