Собранието изгласа измени на Законот за Царинската тарифа


Собранието попладнево со 71 гласа „за“ и 11 „против“ го изгласа Законот за изменување на Законот за Царинската тарифа, што се разгледуваше во трето читање, откако  без расправа едногласно усвои амандман на член 2 поднесен од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, со којшто се бришат зборовите  „а ќе започне да се применува од 1 јули 2026 година”. Со амандманот се овозможи усогласување на влегувањето во сила на Законот за изменување на Законот за Царинската тарифа со започнувањето на неговата примена.

Законските измени се разгледуваа во трето читање откако претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова на 6 јули го известила Собранието дека одлучила да не го потпише указот за негово прогласување. Претседателот на Собранието Гаши појасни дека согласно член 75, став 3, од Уставот, Парламентот повторно го разгледува законот и доколку го изгласа со мнозинство гласови од присутните пратеници претседателката е должна да го потпише. 

– Согласно член 75 став (3) од Уставот, по внимателна анализа решив да не го потпишам Указот за прогласување на Законот за изменување на Законот за Царинската тарифа, донесен од Собранието на 29 јуни 2026 година. Причините се врзани за заштита на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок. Указот за прогласување на Законот за изменување на Законот за Царинската тарифа ми беше доставен на 2 јули 2026 година. Членот 2 од истиот пропишува дека „овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”, а ќе започне да се применува од 1 јули 2026 година.”

Имајќи го предвид гореспоменатиот датум, на којшто започнува неговата примена, укажувам дека со потпишувањето на Указот би овозможила повратно дејство на Законот, спротивно на член 52 став (4) од Уставот – наведува претседателката во известувањето до Собранието.

Со измените на Законот за Царинската тарифа, треба да се овозможи да стапат во сила пониски царински стапки за 70 стоки што се користат како суровини и репроматеријали во домашната индустрија. Со нив се врши дополнително усогласување на царинските стапки со оние што важат во Европската унија, согласно определбите од Програмата за работа на Владата 2024-2028 година и заложбите за подобрување на конкурентноста на македонската економија.

Намалувањето на царинските стапки треба да придонесе за намалување на трошоците на компаниите, особено во преработувачката индустрија, и да овозможи подобри услови за производство и извоз. Мерката е насочена кон зајакнување на извозната конкурентност на домашните компании, зголемување на инвестициите, отворање нови работни места и обезбедување повисок девизен прилив во државата.

Измените се подготвени во консултација со стопанските комори и претставуваат продолжение на реформите започнати минатата година, кога од 1 јули 2025 година беше реализирано првото намалување на царинските стапки до 50 проценти од нивото на царинските стапки што важат во Европската унија. Со новите измени се предвидува целосно усогласување на царинските стапки за овие производи со стапките што се применуваат во Европската унија, при што се земени предвид и правилата на Светската трговска организација.

На 11. седница беше завршена дебатата за Законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во трето читање, но претседателот на Собранието Африм Гаши најави дека за него ќе се гласа дополнително. Пратеничката Рина Ајдари од ДУИ во процедурална реакција побара да се стави на гласање таа точка, потенцирајќи дека е потребно Бадентерово мнозинство, но Гаши појасни дека има право и покрај тоа што е завршена дебатата да одреди ден и час за гласање кога ќе се исполнат условите.

На предлог на Министерството за правда, Собранието ја избра Билјана Трајковска за член на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца. Трајковска е државен советник за стратешко планирање при Министерството за образование и наука.

Собранието изгласа и Одлука за испраќање на двајца припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан за период од шест месеци, сметано од август 2026 до февруари 2027 година.

Поддршка добија и одлуките за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисии на Собранието, како и на Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Советот за статистика на Република Северна Македонија.

Претседателот на Собранието Африм Гаши најави дека седницата ќе продолжи утре напладне.