Собранието ги избра новите министри
Пратениците вечерва на седница за реконструкција на Владата ги избраа Трајан Димковски за нов министер за земјоделство, Насер Нуредини за животна средина и просторно планирање, Хусни Исмаили за култура, Горан Милевски за локална самоуправа, Садула Дураки за политички систем и односи меѓу заедниците.
Премиерот Зоран Заев во кусото обраќање пред гласањето истакна дека реконструкцијата е дел од промените кои ги најавил на сите нивоа, по приемот на пораката на граѓаните на претседателските избори и оти се прави исклучиво во интерес на граѓаните.
Промените за реконструкција на Владата се до не повеќе осум луѓе, рече Заев, затоа предложивме промена на седум. Тој најави дека промените ќе продолжат и во други институции, на централно ниво, на подрачни единици, јавни институции…
-Оваа промена има за конечна цел подготовка во период кој, според мене, е драгоцен и не треба нашата земја да го пропушти и треба да се подготви со сите максимални капацитети. Таков период се случувал во сите земји кога станувале членки на НАТО или отворале поглавја за членство во ЕУ. Убеден сум дека до декември имаме огромни шанси да станеме членки на НАТО, бидејќи 20 членки веќе го ратификуваа протоколот, како и дека ќе ги отвориме поглавјата 23 и 24 за членство нво ЕУ, рече Заев.
Во еден ваков период, рече, треба да се посветиме на севкупните реформи во државата, а најголеми треба да бидат во нашата лична, поединечна одговорност и чесност.
Тој потенцира дека одлуката да раководи со Министерството за финансии до избор на нов министер не е да потпишува или, како што рече, да прави нешто што би го правел министерот.
-Амбицијата е да ги максимизирам моите односи на одговорност преку преземањето сериозни крупни одлуки кои можеби досега никој не ги размислувал и преземал, а кои се апсолутно рационални и одговорни и кои треба да донесат бенефит за сите граѓани во оваа наша земја. Целта на реконструкцијата се пред се интересите на граѓаните и државата и ништо повеќе, рече Заев.
Во рамки на дебатата пратениците од опозицијата ја обвинија власта дека реконструкцијата што ја предложил премиерот Зоран Заев е само козметичка, а не вистинска промена. Ова, рекоа, покажува дека тие не го чуле гласот на народот. Пратениците од партиите на власт, пак, сметаат дека реконструкцијата е резултат токму на тоа што власта ги слуша граѓаните и оти новите предложени министри ќе продолжат да спроведуваат политики со кои земјата ќе продолжи да се движи напред.
Реконструкцијата беше најавена од премиерот Заев по објавување на резултатите од првиот круг на претседателските избори. Тој најави смени и во раководните структури на јавните претпријатија и во самата партија.