Собрани 135 кубни метри кабаст отпад и 200 кубни метри отпад од диви депонии


Јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје отстрани вкупно 200 кубни метри отпад од диви депонии во текот на масовната акција за генерално чистење на скопските општини.

Како што соопшти претпријатието, во рамките на акцијата се спровеле активности за рачно и машинско метење, како и миење на главните и на споредните улици со автоцистерна, а „Комунална хигиена“ во девет скопски општини поставила специјални контејнери за собирање кабаст отпад, во кои граѓаните одложиле 135 кубни метри отпад составен од стар мебел, електрична и електронска опрема.

Претпријатието реализирало и едукативни разговори со граѓаните за проблемите со неправилното одлагање на отпадот и ги информирало за можноста во текот на целата година својот кабаст отпад без плаќање паричен надоместок да го одложат во Центрите за селекција во Карпош и во Вардариште.