ВМРО-ДПМНЕ почна да ја повикува Данела Арсовска на оставка


Фото: Б. Грданоски

 

Откако на локалните избори Данела Арсовска беше силно поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, сега по парламентарните избори, токму нејзиниот најсилен поддржувач и единствен „виновник“ што Скопје доби „мајка“ ја повикува на оставка. 

Скопјани пред сѐ, а и нејзиниот силен поддржувач, се разочарани од испорачаното, на онаа која беше најавувана како способен менаџер, па на нејзина смена се повикува одамна, иако Арсовска владее со главниот град од ноември 2021 година.

Откако се скара со своите поддржувачи (ги смени речиси сите директори на јавни претпријатија со кои ја задолжија од ВМРО-ДПМНЕ), лидерот Христијан Мицкоски, од градската говорница го нарекуваше „шпицен градоначалник“.  Градот е блокиран особено за големи проекти, како прочистителната станица, изградбата на Универзална сала, за која мораше да се вклучи владата од СДСМ, БРТ системот, игнорантскиот однос кон титулата Скопје –  Европски град на културата и друго.

Советот едвај функционира, а сите предлози на Арсовска наидуваат на ѕид кај ВМРО-вските советници. 

За неполна година од почетокот на нејзиниот мандат стана јасно дека скопјани не се задоволни од нејзината работа, па се повикуваше на нејзина смена. Но, според законите во Македонија – тоа е невозможна мисија. 

Пред парламентарните избори, кои се одржаа пред два дена, Арсовска, која на функцијата градоначалник стигна како независен кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа формира, поточно презеде веќе постоечка партија – Нова алтернатива. Резултатот од парламентарните избори за неа беше катастрофален. Освои само 3.516 гласови. 

Нејзините довчерашени другари, сега повикуваат на оставка од градоначалничката функција, иако лош резултат на парламентарни избори повлекува оставка од лидерското место во партијата. Но, ако Арсовска поднесе оставка таму, тешко дека ќе се најде некој да ја замени во Нова алтернатива, со оглед на нејзината слаба бројност, а и ништо нема да значи.

Имено, во објава на својата официјална страна на фејсбук, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ, се осврна на изборните резултати и побара оставка од Данела Арсовска, бидејќи како што вели тој таа била волјата на скопјани.

Во објавата Стефковски пишува:

„Време е Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка!
Кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција која се избира на непосредни избори извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник.
Бројките велат дека во 2021 година, Данела Арсовска е избрана за градоначалник на градот Скопје со гласовите на 118.545 скопјани, а на вчерашните избори Данела Арсовска преку нејзината партија во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Сарај и Шуто Оризари освои вкупно 2.584 гласови.
По ваквиот резултат јасно е дека Данела Арсовска го загуби кредибилитетот да продолжи да го води градот Скопје. Скопје му припаѓа на скопјани, а не на Данела Арсовска.
Скопјани вчера и порачаа на Арсовска дека е време да си замине!
Затоа ја повикувам Данела Арсовска да поднесе оставка од функцијата градоначалник на градот Скопје, бидејќи тоа е волјата на скопјани.
Време е Скопје да се врати на скопјани!“,- пишува Стефковски.

Дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се „спаси“ од Арсовска на овој начин, дека некако ќе ја замачка грешката што ја направија со тоа што ја донесоа до градоначалничката фотелја е тешко веројатно. Арсовска не само што на претходните повици за оставка не се осврнуваше, туку уште пожестоко удираше по нивните кадри, а за тоа го прозиваше „шпицниот градоначалник“ Мицкоски.

Таа има лош резултат на парламентарни избори, не на локални. Такашто, најверојатно за евентуално да замине Арсовска од градоначалничката функција ќе треба да ги почекаме следните локални избори, а тие се за година и пол. (Б.Б.)