Со вториот ребаланс на Буџетот ги усогласуваме проекциите со реалните економски движења, вели Димитриеска Кочоска
Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја почна седницата во чии рамки треба да се разгледаат повеќе од 120 амандмани за вториот ребаланс на Буџетот. Пред пратениците најпрво се обрати министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, која изрази уверување дека расправата ќе биде конструктивна и заснована на аргументи.
Како што рече Димитриеска-Кочоска, ребалансот не е само техничка корекција на буџетските ставки, туку и инструмент преку кој се земаат предвид најновите економски показатели и досегашното извршување на Буџетот, а истовремено се обезбедуваат средства за законските обврски и приоритетните потреби на граѓаните и институциите.
Според неа, целта на Владата е Буџетот да остане реален, одржлив и развоен, а буџетската дисциплина не значи откажување од развојот, туку подобро поставување приоритети, поголема одговорност во трошењето и усогласување на обврските со расположливите средства.
-Со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година ги усогласуваме проекциите со реалните економски движења, досегашната реализација и ефектите од мерките преземени во текот на годината. Ова е одговорен пристап во услови на неизвесност: да ги коригираме проекциите таму каде што реалноста го бара тоа, да ги намалиме расходите каде што има простор за рационализација, но истовремено да ги зачуваме средствата за законските обврски, здравствените услуги, социјалната заштита и приоритетните развојни проекти. Продолжуваме со инвестиции во патната и железничката инфраструктура, образованието, животната средина, земјоделството, енергетската ефикасност и модернизацијата на јавните финансии, со поддршка од домашни и меѓународни финансиски извори. Очекувам дека во рамки на расправата ќе ги разгледаме предложените измени од аспект на нивната оправданост и потребата за одговорно извршување на Буџетот до крајот на годината. Верувам дека со усвојувањето на овие измени ќе обезбедиме стабилно финансирање на државните функции и ќе ја задржиме фискалната рамка во претходно утврдените граници- потенцира министерката, образложувајќи го предлог-ребалансот.

Вториот ребаланс, напомена, е подготвуван во услови на продолжена глобална неизвесност, геополитички тензии и нарушувања на меѓународните пазари на енергенси.
-Конфликтот на Блискиот Исток и движењата на светските цени на нафтата и другите примарни производи се одразуваат врз економските услови, врз трошоците на компаниите и домаќинствата, но и врз планирањето и реализацијата на буџетските приходи и расходи. Во вакви околности, одговорната фискална политика бара навремено следење на состојбите и усогласување на буџетските проекции со реалните движења- истакна министерката.
Во текот на годината, потсети, Владата презеде мерки за ублажување на последиците од растот на цените на горивата. Меѓу нив беа и одлуките за намалување на акцизите на бензините и дизелот, со цел да се намали прелевањето на ценовниот шок врз граѓаните и компаниите.
-Овие мерки имаат конкретна цел, но имаат и директен ефект врз приходната страна на Буџетот, што мора реално да се одрази во проекциите за остатокот од годината. Затоа, со предложените измени ги усогласуваме приходните и расходните проекции со новите економски услови и со реализацијата во текот на годината. Притоа, буџетскиот дефицит останува непроменет на претходно утврденото ниво од 4,1 процент од бруто-домашниот производ, односно 46,3 милијарди денари. Корекциите се спроведуваат во рамките на постојниот фискален таргет, со внимателно усогласување на расходите со расположливите средства- напомена Димитриеска-Кочоска.
Таа се осврна на макроекономските проекции.
-Економската активност во првата половина од 2026 година се движеше нешто подобро од првичните очекувања. Сепак, неизвесностите поврзани со конфликтот на Блискиот Исток и глобалната економска активност остануваат присутни и во втората половина од годината. Имајќи ги предвид овие фактори, проекцијата за реалниот раст на БДП за 2026 година се задржува на 3,5 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да бидат еден од главните двигатели на растот. Во првата половина од годината имаа значаен придонес, а позитивните движења се очекува да продолжат и во наредниот период. На тоа ќе влијаат реализацијата на капиталните инвестиции од Буџетот, вложувањата на претпријатијата во државна сопственост, развојот на патната и железничката инфраструктура, како и проектите на општините во образованието, здравството и животната средина. За 2026 година се очекува реален раст на бруто-инвестициите од 7,6 проценти. Инвестициската активност на домашните компании се очекува да остане на солидно ниво, поддржана од кредитната активност и од поволните финансиски средства обезбедени преку владините мерки. Инвестициите создаваат услови за поголем производствен капацитет, нови работни места и подобра конкурентност на домашната економија- рече министерката.
Кај приватната потрошувачка, додаде, остварувањата беа подобри од очекуваното. Мерките насочени кон ублажување на ценовниот шок придонесоа да се намали притисокот врз расположливиот доход на домаќинствата.
-Во втората половина од годината се очекува потрошувачката да се одржи на солидно ниво. За целата 2026 година се проектира реален раст на приватната потрошувачка од 2,6 проценти, додека јавната потрошувачка се очекува да порасне за 2,5 проценти. Извозот и увозот на стоки забележаа позасилена динамика во првата половина од годината, во услови на подобра глобална активност и поотпорна надворешна побарувачка од очекуваната. За 2026 година се очекува реален раст на извозот од 5,6 проценти, додека увозот се проектира да порасне за 6 проценти. Инвестициите и активностите за отворање нови работни места, заедно со подоброто таргетирање на социјалната помош и активирањето на невработените корисници на социјална поддршка, се очекува да придонесат за понатамошно подобрување на состојбите. Стапката на вработеност се очекува да достигне 46,8 проценти, а стапката на невработеност да се намали на 11,2 проценти. Просечната нето-плата во 2026 година се очекува да порасне за 8,1 процент, под влијание на растот на платите во приватниот сектор и во одделни дејности во јавниот сектор, особено во образованието и здравството- посочи Димитриеска Кочоска.
Во врска со ценовните движења, рече дека во првите девет месеци од годината инфлацијата беше поумерена од претходните очекувања.

-Растот на цените на примарните производи и нафтата на меѓународните пазари имаше ограничено прелевање врз домашната економија, меѓу другото и поради мерките преземени за ублажување на ценовниот шок. Поради тоа, проекцијата за просечната инфлација за 2026 година е ревидирана надолу, од 4,5 на 3,8 проценти. Сепак, ризиците не се отстранети. Продолжувањето или евентуалната ескалација на конфликтот на Блискиот Исток може повторно да ги зголеми цените на енергентите и примарните производи, да создаде дополнителни инфлаторни притисоци и да влијае врз глобалната побарувачка. Затоа, макроекономското сценарио го третираме со претпазливост. Фискалната политика мора да биде доволно флексибилна за да одговори на новите околности, но и доволно дисциплинирана за да ја зачува одржливоста на јавните финансии- подвлече Димитриеска Кочоска.
Пред да ги презентира конкретните измени, се осврна на извршувањето на Буџетот во периодот јануари – септември 2026 година, што е основа, рече, за проекциите до крајот на годината и за подготовката на вториот ребаланс.
-Во овој период, вкупните буџетски приходи се реализирани во износ од 261,1 милијарда денари, односно 68,8% од планираното. Даночните приходи изнесуваат 150,2 милијарди денари, при што најголемо учество имаат приходите од ДДВ со 67,5 милијарди денари. Приходите од данокот на личен доход, данокот на добивка, ДДВ и увозните давачки бележат раст во однос на истиот период минатата година, додека кај акцизите се забележува пониска реализација. Приходите од социјални придонеси достигнаа 89,7 милијарди денари, што претставува раст од 8,4% во споредба со истиот период минатата година. На расходната страна, реализацијата изнесува 300,8 милијарди денари, односно 70,6% од планираното, од кои 275,5 милијарди денари се тековни расходи. Најголем дел од нив се однесува на трансфери во износ од 203,5 милијарди денари, вклучително и 87,8 милијарди денари за пензии, 39,7 милијарди денари за здравствени услуги и надоместоци и 11,2 милијарди денари за социјална помош. За општините се трансферирани 22,9 милијарди денари преку блок-дотации и наменски дотации, како и дополнителни 3,8 милијарди денари од приходите од ДДВ- информира министерката.
За камати се исплатени 15,5 милијарди денари, додека отплатата на главнината изнесува 64,6 милијарди денари. Дополнително, преку Развојната банка се реализирани 962 милиони денари за поддршка на компаниите, а по основ на издадени гаранции се исплатени 201 милион денари. Капиталните расходи достигнаа 25,3 милијарди денари, што е за 23,9% повеќе во споредба со истиот период минатата година. За изградбата на Коридорите 8 и 10д преку „Бехтел и Енка“ се издвоени 6,3 милијарди денари, а за инфраструктурни проекти во општините се реализирани 3,6 милијарди денари.
-Во периодот јануари–септември 2026 година, буџетскиот дефицит изнесува 39,7 милијарди денари, односно 3,5% од проектираниот БДП за годината. Овие остварувања, заедно со најновите макроекономски показатели и околностите во меѓународното окружување, ја наметнаа потребата од усогласување на буџетските проекции до крајот на годината- потенцира Димитриеска Кочоска.
Министерката, која го презентираше новиот ребаланс на 8 октомври, денеска пред членовите на собраниската Комисија повтори дека вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, а дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП. Проекциите за економскиот раст и за инфлацијата се задржуваат на 3,5 проценти, додека најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари.
Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите од СДСМ. Според опозициската партија, новото прекројување на државната каса е последица на нереалното планирање на приходите, а не само на мерките за намалување на акцизата и на ДДВ за горивата. ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека економските политики се водат одговорно и стратешки, со јасен фокус на фискалната консолидација и одржливиот развој, а платите и пензиите продолжуваат да растат.
На седницата на Комисијата за финансирање и буџет е присутен и заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.