Почнува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот, поднесени 120 амандмани
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почнува амандманската расправа за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година во второ читање. За Предлог-буџетот, кој е втор ребаланс за годинава, поднесени се над 120 амандмани од овластени предлагачи.
Вкупните приходи со новиот ребаланс на буџетот се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за речиси 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари, а дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП.
Како што соопшти министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска осврнувајќи се на клучните параметри, кај даночните приходи е направена умерена корекција, од 213,3 на 209,8 милијарди денари или намалување од 1,6 процент.
-Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Причината е намалувањето на акцизите на бензините и дизелот, мерка со која директно го ублажуваме влијанието од растот на цените на нафтените деривати врз граѓаните и компаниите. Тоа значи помал приход за буџетот, но истовремено и директна поддршка за граѓаните и економијата – рече Димитриеска-Кочоска.

Според неа, кај неданочните приходи и донациите, со ребалансот се предвидува намалување за речиси две милијарди денари. Намалувањето е целосно кај сопствените сметки на буџетските корисници, пред сè како резултат на пролонгираното спроведување на проекти од самофинансирачки активности, при што постојат расположливи ликвидни средства.
Кај другите даночни приходи – данокот на личен доход, данокот на добивка, ДДВ-то и царинските приходи – очекувањата остануваат стабилни и во рамките на планираните износи.
-На расходната страна пристапуваме одговорно и дисциплинирано. Вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари, што е намалување за 5,3 милјарди денари во однос на претходните проекции. Надолната проекција се должи на намалување кај стоките и услугите и субвенциите како резултат на дисциплинирано и поефикасно трошење, со истовремено обезбедување дополнителни средства за најранливите категории граѓани и за здравствените услуги. Ги намалуваме расходите онаму каде што реализацијата е послаба или каде што не станува збор за највисоки приоритети. Но, не штедиме на она што е најважно. Обезбедуваме дополнителни средства за социјално ранливите категории и здравствените услуги. Кај капиталните расходи правиме корекција од речиси 5,7 милијарди денари, пред сè поради пролонгирање на динамиката на реализација на одредени капитални проекти – нагласи министерката.
Порача и дека е особено важно тоа што продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво како дел од политиката за рамномерен регионален развој.
-Иако остварувањата во првата половина од годината кога бруто-домашниот производ забележа раст од 3,7 % се подобри од очекувањата, проекцијата за растот во 2026 година останува непроменета, односно 3,5 %, водени од претпазливост имајќи предвид дека конфликтите на Блискиот Исток и во Украина сè уште траат, а глобалната економска активност останува неизвесна и во остатокот на годината. И покрај сите предизвици, една работа останува непроменета – буџетскиот дефицит. Со вториот ребаланс дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП. Во исто време, државата во 2026 година треба да сервисира обврски во вкупен износ од 76,6 милијарди денари, од кои 55,1 милијарда денари се отплата на надворешниот, а 19,9 милијарди денари на домашниот долг и 1,6 милјарда денари одлив по даден заем кон Развојната банка. Дополнително, се сервисираат обврски и по основа на издадени едногодишни државни хартии од вредност во износ од приближно 1 милијарда евра. Овие обврски се предвидени во буџетот и нивното редовно сервисирање е обезбедено преку планираното домашно и странско задолжување. Не дозволуваме променетите услови и мерките за заштита на граѓаните да доведат до неконтролирано зголемување на дефицитот. Напротив, со оптимизација на расходите го задржуваме утврдениот фискален таргет – нагласи Димитриеска-Кочоска.