Грците не пуштале на „Богородица“ возила со стари сообраќајни дозволи

На граничните премини кон Албанија може да се влезе и со документите со старото уставно име. Кон Бугарија сите имале нови документи


 

Од денеска почна применувањето на одредбата од Преспанскиот договор за употребата на пасошите и сообраќајните дозволи со новото уставно име за излез преку границата. Генерално нема проблеми, но грчките погранични служби на преминот „Богородица“ ги враќале патниците кои сакале да влезат во соседната земја со возила кои имале сообраќајни дозволи со старото уставно име.

Според извештајот на МИА, покрај сообраќајните дозволи грчките службеници детално ги прегледувале и останатите патни исправи. На овој граничен премин до 12 часот поминале околу 300 патници и нема поголеми задржувања за поминување на границата.

Според информациите на „Независен“ на граничниот премин „Меџитлија“ кај Битола денеска немало никакви проблеми. Сите македонски граѓани што тргнале кон Грција ги имале сите важечки документи и до 14 часот никој не бил вратен. Нито пак некој влегол во Македонија со пасош со старото уставно име. 

На границата со Албанија нема никакви проблеми, но со документите со старото име. Согласно билатералниот протокол со Албанија, сообраќајот се одвива нормално со важечки патни исправи и со возачки дозволи и регистерски таблички без ознаката НМК. Според информации на МИА, граничниот премин „Ќафасан“ од македонска страна го напуштиле граѓани со стара лична карта без додавката „Северна“ и не се вратени, односно се пропуштени и од албанските гранични служби.

На тој граничен премин од полноќ до 10 часот утрово, вкупно 837 патници направиле влез и излез од државата.

„На ‘Ќафасан’ од 00 часот од полноќ до 10 часот денеска, споредбено со вчера сообраќајот на патници и возила бележи благо зголемување, се одвива нормално, непречено и без застој од албанска страна. На влез регистрирани се 62 наши државјани и 441 странски државјани, или вкупно 503 патници. На излез регистрирани се 147 наши и 187 странски државјани или вкупно 334 патници. Полициските службеници од граничен премин ‘Ќафасан’ ги преземаат сите мерки и активности за полесен проток на патници и возила“, изјави за МИА портпаролката Мерлина Зиба.

И на граничните премини „Блато“ и „Џепиште-Требиште“ на македонско-албанската граница кај Дебар нема промени во одвивањето на протокот на патници и возила.

На преминот „Блато“ нормално се одвива сообраќајот и албанските гранични власти ги примаат сите валидни документи, како и досега, согласно со билатералниот протокол. На граничниот премин, Џепиште-Требиште, кој е од локален карактер и имаат право да го користат само жителите од граничниот регион, до 12 часот немаше регистрано жител за влез на албанска територија.

Фреквенцијата на возила и граѓани за влез и излез во државата и на граничен премин Делчево – Станке Лисичково кон Бугарија утрово е во рамки на нормалата. Сите кои заминале надвор од Македонија имале важечки патни исправи и документи и не е забележан случај на патници кои сакаат да патуваат во соседна Бугарија, без потребната документација.

Дописникот на МИА разговараше со дежурните на граничниот премин Делчево, кои велат дека тие што утрово ја напуштиле државата знаат точно што треба да поседуваат како важечки документ заради што без проблем се одвивала граничната проверка.

Нема пречки и проблеми во меѓународниот сообраќај ниту на граничниот премин Меџитлија.

На граничниот премин „Табановце“, според МВР, протокот на патници и возила се одвива со видно намален интензитет.

Од 00:00 часот до 07 часот утрово излез извршиле 524 патници, додека влез оствариле 640 патници. Доколку на влез дојде државјанин на РСМ со патна исправа без натпис „Северна Македонија“ од наша страна лицето ќе се евидентира во систем и ќе му се дозволи влез во РСМ, соопшти МВР.