Со шпанска и француска музика и безалкохолна сангрија испратени првите патници за Барселона и Лион


Со шпанска и француска музика, освежителна безалкохолна сангрија и празнична атмосфера, Меѓународниот аеродром Скопје синоќа ги испрати првите патници на директните летови кон Барселона и Лион – нови дестинации што ги воведе нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“. Летот кон Барселона повторно се воведува откако беше укинат во јануари 2022 година.

На обновениот лет до Барселона полетаа 161 патник, меѓу кои и добитничката на два бесплатни авиобилети доделени преку онлајн награден повик на социјалните мрежи на аеродромот. Во исто време, кон францускиот град Лион заминаа 180 патници, со што беа означени почетоците на овие две нови линии од скопскиот аеродром.

ТАВ Македонија, дел од турски ТАВ, кој стопанисува со македонските цивилни аеродроми под концесија која трае до 2032 година, го прослави воведувањето на евтините летови со тематска музика и безалкохолна сангрија.

Летовите Скопје–Барселона ќе се одвиваат двапати неделно, секој вторник и сабота, додека линијата кон Лион ќе биде активна три пати неделно – во вторник, четврток и сабота. (Мета)