Со платите на функционерите ќе „настрадаат“ и тие на обвинителите


Поплаките на јавните обвинители не стигнуваат до Собранието. И покрај отвореното писмо со кое побараа да не се чепкаат нивните плати бидејќи законот тоа не го дозволува, пратеникот Бојан Стојановски извести дека во пакетот закони што ги поднеле во Собранието е и намалувањето на коефициентите за јавните обвинители. 

„Поднесовме предлог на измена на шест закони – Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Стојаноски на денешната седница во Собранието.

Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.

„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува рационално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:

„Со овие измени одредени позиции се намалуваат во следниов правец: За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.

Од Здружението на јавните обвинители тврдат дека согласно Законот за платите на јавните обвинители, платата не смее да биде намалена со закон или со одлука на државен орган, освен во случај на утврдена дисциплинска одговорност.

„Јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичниот прогон, без соодветни материјални услови и без доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години не се исплаќаат поради недостиг од средства во Буџетот“, соопштуваат од Здружението.

Тие посочуваат дека ја разбираат тешката економска состојба, но нагласуваат дека поради неспојливоста на функцијата, платата е единствен приход на јавните обвинители. Воедно додаваат дека нивните примања се најниски во регионот – од 90.000 до 130.000 денари.