Со настапот во „Музикферајн“ во Виена, Филхармонија испишува историја, вели директорот Имери


Директорот на Македонската филхармонија Мустафа Имери на денешниот прес по повод новата концертна сезона 2025-2026, насловена „#Без филтер“  што стартува на 2 октомври,  со концертот на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантјаго Канон Валенсија, го најави и гостувањето во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“ во Виена , на 28 октомврина матичната сцена на која познатата Виенска филхармонија ги одржува своите концерти, меѓу кои и еден од најпознатите – Новогодишниот концерт кој се одржува секој 1 јануари. Настапот во Виена претставува заокружување на прославата на 80-годишнината од формирањето на оркестарот, а ќе се одбележат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Северна Македонија.

Во Виена ќе се претставиме со спој на македонската традиција и европската класика – ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори – на програмата се „Македонска парафраза бр.2“ од Бете Илин, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, Пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски и Симфонијата бр.8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски. Ова е историски момент за нашиот оркестар, но и за нашата држава чија музичка култура и традиција ќе ја претставиме на најдобар начин, како најстар и единствен симфониски оркестар во државата. Македонската филхармонија уште еднаш ќе испише историја, и ќе докаже дека културата е најсилниот дипломатски инструмент и најдобар амбасадор на државата во светот – истакна Имери.

Идната година ги чека гостувања во Диселдорф, Германија и во Истанбул, Турција.

„Музикферајн“ во Виена е една од најзначајните концертни сали во светот. Лоцирана во срцето на Виена, таа е дом на Виенската филхармонија, место на кое секоја година се одржува и традиционалниот Новогодишен концерт на 1 јануари. Концертната сала датира од 1870 година и е дело на данскиот архитект Теофил Хансен чиј дизајн е инспириран од грчката и римската архитектура. Централно место зазема „Златната сала“ со капацитет од 2000 седишта, која е позната по својата неверојатна убавина и исклучителна акустика. „Музикферајн“ не е само симбол на Виена и нејзиното богато музичко наследство, туку и центар на светската класична музичка култура. На сцената на „Музикферајн“ низ историјата настапиле најзначајните светски солисти и диригенти (Херберт фон Карајан, Леонард Бернштајн, Клаудио Абадо, Артур Рубинштајн, Владимир Хоровиц, Даниел Баренбојм, Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Густаво Дудамел, Ана Софи Мутер, Ланг Ланг, Јо-Јо Ма…), но, и композитори како Јоханес Брамс, Антон Брукнер, Густав Малер и Рихард Штраус кои токму на оваа сцена ги воделе првите изведби на многу од своите музички ремек-дела.

Концертот на Македонската филхармонија во „Музикферајн“ е поддржан и е дел од Годишната програма за 2025 година на Министерството за култура и туризам.