Со „Коса“ почнува ретроспективата на Милош Форман во Кинотека
Со проекцијата на филмот „Коса“, американската музичка антивоена драма-комедија од 1979 година, денеска во Кинотеката ќе почне ретроспективата на режисерот Милош Форман.
Форман (1932-2018) е добитник на два оскара и на педесетина други награди на филмските фестивали ширум светот, а со своето творештво обединил два филмски света – источноевропскиот и холивудскиот.
Студирал сценарио на прочуената филмска школа ФАМУ. Со своите рани дела е протагонист на чешкиот „нов бран“, во кои мајсторски ги спојува документарното и играното.
Чешките документаристи Јакуб Хејна и Хелена Трештикова во 2019 го промовираа документарецот „Форман против Форман“, со кој ќе заврши ретроспективата во Кинотеката.
Публиката ќе може да ги погледне и „Лет над кукавичкото гнездо“,„Амадеус“, „Народот против Лари Флинт“,„Духовите на Гоја“…
Со „Вљубената русокоса“ Форман е дел од најголемиот успех на чешката кинематографија во средината на таа деценија, кога прашките филмски мајстори на двапати го освојуваат „Оскарот“ за најдобар странски филм – Јан Кадар и Елмар Клос со „Продавницата на корзото“ (1965) и Јиржи Менцл со „Строго контролирани возови“ (1967), но и Форман бил номиниран за оваа престижна награда на Американската филмска академија. Режисерот од Чехословачка емигрира во САД во 1968 година.
Според Кинотеката, во априлската филмска програма акцентиран е токму омажот на Форман со метафората дека пролетта не е годишна доба, туку состојба на Формановиот филмски ум, што ќе го пренесе во американските филмови и европските копродукции. Тој ќе го освои првиот од двата „Оскара“ во неговата кариера со незаборавниот „Лет над кукавичкото гнездо“ (One Flew Over the Cuckoo’s Nest) во 1976, а вториот со биографската музичка драма за еден од најзначајните композитори на класична музика Моцарт насловена „Амадеус“ (Amadeus, 1984). Публиката овие остварувања ќе може да ги погледне на 25, односно на 15 април. Секако, во рамки на програмата се и биографскиот „Народот против Лари Флинт“ (The People vs. Larry Flint, 1996) – на 19 и 26 април, како и неговиот последен игран наслов – „Духовите на Гоја“ (Goya’s Ghosts, 2006) – на 28 април.

Постои и една интересна димензија во неговото филмско творештво, кое го прави посебен во изборот и работата со актерите. Форман има режирано филмови во кои 8 различни актери биле номинирани за „Оскар“. Тоа се Џек Николсон, Луиз Флечер, Бред Дјуриф, Хауард Е. Ролинс Џуниор, Елизабет МекГоверн, Ф. Мари Ејбрахам, Том Хулс и Вуди Харелсон. Притоа, со „Оскари“ се закитија Николсон и Флечер за улогите во „Лет над кукавичкото гнездо“, како и Ејбрахам за „Амадеус“. Форман починува во 2018 во гратчето Денбери, Конектикат, САД, а чешките документаристи Јакуб Хејна и Хелена Трештикова, година по неговата смрт го промовираат документарецот „Форман против Форман“, филм кој на најсуптилен начин ја затвора ретроспектива на големиот мајстор на филмот во Кинотеката