Во „годината на нови можности“ Владата повика да се усвојат уставните измени

Според премиерот Ковачевски, „пред нас е година којашто ќе ја тестира зрелоста на сите политички лидери и на сите пратеници во парламентот“


Членовите на Владата пред почетокот на дводневната конференција (Фото: Б. Грданоски)

 

Преку повеќе панели Владата денеска ја започна конференцијата за одбележување на нејзината прва годишнина што ќе трае два дена – целта е преку дискусија да се направи пресек на она што е направено во 2022 година и да се дадат насоки и визии за 2023 година. Конференцијата има наслов „Година на нови можности“.

Отворајќи го собирот, премиерот Димитар Ковачевски рече дека прашањето дали Македонија ќе ги отвори поглавјата во рамките на преговарачкиот процес зависи само од нас. „Во 2023 година ја имаме најголемата шанса досега, да ги забрзаме преговорите и до 2030-та година, објективно и реално, Македонија да стане членка на ЕУ. Ги почнавме преговорите со целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет и тоа е веќе кристално јасно. За сите надвор, се надевам и за сите добронамерни дома“. Тој при тоа го спомена потпишаниот договор со Фронтекс, додавајќи дека почитувањето, вреднувањето, зајакнувањето и унапредувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет зависат најмногу од нас самите, тука дома. „Нашата историја, традиција и јазик, потенцира Ковачевски, никој и никогаш не може да го земе“.

„Имаме своја македонска историја, култура, традиција по коишто сме како посебен народ и посебна држава препознаени и признаени во Европа и светот и за ова не треба да дебатираме дома. Зарем треба овие наши темели да дозволиме да се напаѓаат однадвор, но и одвнатре, од поединци и структури желни за пари и власт, за кои ништо не е свето и се е предмет на пари! Секако дека не! Јас, Владата и сите граѓани ќе бидеме единствен и заеднички бедем за одбрана и гаранција на единствениот македонски национален идентитет“, потенцираше Ковачевски.

Фото: Б. Грданоски

Зборувајќи за односите со Бугарија кои пак влегоа во голема бура Ковачевски рече: „Во односите со Бугарија нема што да се тактизира. Ние сме посветени на добрососедски односи, во духот на европските вредности. Северна Македонија им гарантира и им овозможува на сите народи и сите граѓани кои живеат на ова тло и кои ја сметаат земјава за дом, непречено да си ги остварат своите права. И тоа сме го покажале и докажале на дело многу пати досега. Ние сме горди на нашето мултикултурно општество, горди сме што сме Европа во мало. Така било, така е, така и ќе биде“.

Според него, друго прашање е тоа што таму дледат нови парламентарни избори и што како и секаде и таму постојат поединци кои преку националистичка и популистичка реторика се обидуваат да добијат видливост и гласност.

„Има веројатно и обиди да се наштети, не само на билатералните односи, туку и на единството во Европа, на коешто посебно упати војната во Украина, а тоа треба да се обезбеди преку натамошното проширување на Унијата“, рече премиерот.

Наша работа, вели тој, е да ги штитиме националниот идентитет, стабилноста и безбедноста на државата и да го овозможиме напредокот. „И како што сме свети чувари на минатото, исто така нема да дозволиме, никој да ни ја загрози европската агенда и нашата, заслужена, европска иднина“, нагласи Ковачевски. Тој верува дека може да се постигне „европско парламентарно мнозинство“, кое ќе ги осигура европските перспективи. Според Ковачевски, „пред нас е година којашто ќе ја тестира зрелоста на сите политички лидери и на сите пратеници во парламентот. Ние сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа и со тоа што ќе додадеме нови етнички заедници во уставот ништо нема да изгубиме“, вели премиерот.

Фото. Б. Грданоски

Тој даде оценка и за неодамнешните провокации: „Тешко е да се носат разумни одлуки во време на неразумни провокации, но нечие однесување говори за личноста која го применува тоа однесување. Ако го спуштиме нивото, ако подлегнеме на тие провокации, коишто ја имаат оваа цел – ние тогаш сме изгубиле. Сме дозволиле да победат профитерите, популистите, луѓето без вредности, морал и етика. Сме оставиле простор на македонските непријатели“. Тој на граѓаните им им порача дека не смееме, не можеме и не треба да губиме повеќе време за порази и стоење во место.

Отфрлувајќи ги уште еднаш барањата за предвремени избори Ковачевски рече дека не може и нема да прифати некој политички да профитира на сметка на перспективите на граѓаните и на државата. „Најголем дел во оваа година бев меѓу вас, граѓаните – и ги слушам вашите потреби. Тоа не се постојани предвремени избори, не се политички надмудрувања, не се блокади во парламентот, тоа не е живот во грч и кризи, во песимизам и очајување, рече Ковачевски, кој смета дека граѓаните бараат вистински и оправдани очекувања за унапредување на квалитетот на живот.

Затоа, во 2023-та година, истакна Ковачевски, Владата ќе продолжи со стратегискиот пристап и бројните планирани проекти за коишто се отворени нови можности. Повика на одговорно однесување, во име на добрата иднина на сите и на нашата држава.

По него зборуваше првиот вицепремиер Артан Груби кој нагласи дека нема повеќе време, ниту простор за калкулации и измами. „Или сте за Европа или сте против. Нема простор за средна зона, бидејќи нема друга алтернатива“, рече тој, повикувајќи ги сите да се придружат напрогресивното мнозинство „на патот за Европска алијанса“.

„Дојдете сите заедно. Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, политички партии, граѓанското општество, медиуми, креатори на јавното мислење, академскиот свет и сите граѓани. Дојдете на првата линија на европско-македонскиот фронт“, повика Груби.

Според вицепремиерот, иако имало обиди земјата да се втурне во непредвидливост и ваквите закани сѐ уште не престануваат, тоа не ги обесхрабрува да го реализираат тоа што го ветиле на граѓаните – еднаквост, развој, интеграција, мир, безбедност и стабилност. „Политиката на нашата Влада е храбра и прогресивна, политика на нула проблеми со соседите и целосно регионална и евро-американско партнерство“, порача Груби.

Тие што се преставуваат како квази патриоти, според него, сакаат само власт и да ја држат земјата изолирани од западниот свет,  измислувајќи непостоечки страв за да ги исплашат граѓаните.

„Со овие политики на страв изгубивме десет години од нашите животи. Денес, тие што инсталираат непознати стравови, им велат на меѓународните претставници дека ќе го променат уставот откако ќе ја добијат власта и дека ги имаат методите, но им треба власта и би било добро да се знае ова и од нивните членови на партијата. Ним им е до власт, а не за патриотизам“, изјави Груби.

Денеска ќе има четири панели: првиот за европските интеграции и реформите, вториот за капиталните и инфраструктурни проекти, третиот за инвестициите и четвртиот за социјалните и здравствени политики во време на криза. И утре, на вториот дел од конференцијата, ќе има четири панели. (Н.В.)