„Со ДПМНЕ нема членство во ЕУ ни за 100 години“: Ковачевски на трибина во Битола

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва во преполнетата сала на Домот на културата во Битола во рамките на трибината „Повеќе за сите“ рече дека со ВМРО-ДПМНЕ нема да има членство ни за сто години, парафризирајќи ја изјавата на Христијан Мицкоски од интервјутот за „360 степени“.
„Го слушнавме сите Христијан Мицкоски јавно на телевизија, самиот потврдува, вели ‘може да бидат и сто години’ а ‘можеби и никогаш да не биде’. Со ДПМНЕ нема членство во ЕУ ниту за 100 години, тоа е јасно како ден“, рече Ковачевски.
Според него, „антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица е закана за европската иднина на земјата и мора да биде поразена. И ќе биде поразена, јас ви ветувам“.
„Изборот е јасен, напредок и членство во ЕУ со СДСМ, или изолација и стагнација со ДПМНЕ. Граѓаните немаат нови години за губење во изолација, неизвесност и стагнација. Со глас за проевропската коалиција предводена од СДСМ на претседателските и на парламентарните избори граѓаните бираат повисоки плати и пензии, напредок и сигурна иднина. СДСМ ќе го има победничкиот кандидат на претседателските избори и СДСМ ќе ја формира новата проевропска влада. Заедно ќе ја однесе земјата во Европската унија и која ќе обезбедиме европска иднина за нашите деца“, рече премиерот на трибината во Битола.