Со чартер летови ќе се враќаат македонските државјани од Блискиот Исток – 632 бараат помош
До овој момент, вкупно 632 македонски државјани се обратиле за информации и помош за евакуација од загрозените подрачја на Блискиот Исток. Најголем број пријави се евидентирани од граѓани кои се наоѓаат во Абу Даби, вкупно 447 лица, за кои во моментов се заокружуваат техничките и логистичките подготовки за нивно враќање со чартер-летови, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во Израел бројот на македонски државјани што побарале асистенција останува ист – 12. Од нив, шест лица веќе ја завршиле евакуацијата, откако на сопствен трошок заминале со комерцијални летови кон Скопје. Преостанатите шест лица се очекува во текот на денот да бидат пренесени по копнен пат до Египет, а утре со владиниот авион да се вратат во државата.
„Тие ќе бидат сместени на безбедна локација, во хотел на товар на државата, а се очекува во текот на утрешниот ден со владиниот авион безбедно да полетаат кон Скопје“, информира МНР.
Во Доха, помош побарале 136 македонски државјани. Паралелно, дипломатско-конзуларните претставништва работат и на изготвување посебен план за евакуација на граѓаните кои се наоѓаат во Бахреин и Кувајт.
„Сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони – Обединети Арапски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт – доколку сè уште не го сториле тоа, веднаш да стапат во контакт со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или преку СОС-бројот на Министерството“, соопштуваат од МНР.
Од таму велат дека остануваат во постојан контакт и целосно на располагање на македонските граѓани, како и во редовна координација со надлежните локални власти, со цел, како што велат, безбедно и навремено спроведување на евакуацијата.
Во однос на чартер-летовите, согласно заклучок на Владата, започнате е постапка за јавна набавка по скратена постапка, за да се обезбеди безбедна евакуација.
„Имајќи ја предвид итноста и фактот дека безбедносната состојба тековно се менува, постапката ќе се спроведе согласно Законот за јавни набавки, со примена на скратени рокови предвидени за вакви ситуации. За реализација на оваа услуга се предвидени средства во износ до 60 милиони денари, обезбедени во Буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија“, посочуваат од министерството.
Во зависност од конечниот број на пријавени македонски државјани и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат, појаснува МНР, можно е да биде искористен само дел од предвидениот износ.