Снегот и студот ги уништи овошките во Битолско (фото)

БИТОЛА – Снегот што вчера врнеше во Битола и битолско и ниските утрински температури кои се спуштија под нулата уништија добар дел од расцутените овошки во Битолско.
Виолета Јанеска, овоштар од селото Бистрица, каде се произведуваат познатите бистрички јаболка и праски, се жали дека снегот ги уништи не само праските и јаболката, туку сите овошки, вклучително и јагодите.
Штетите од неповолните климатски услови ќе бидат ненадоместливи, вели Јаневска, особено за семејствата кои исклучиво егзистираат од земјоделие. Цутот кај овошките е уништен не само поради ниските ноќни и утрински температури туку и поради тежината и влажноста на снегот.
„Ако потрае студот ќе нема овошје да се купи. Пари ќе имаме, ама овошје ќе немаме“, реагира Јанеска.
Таа вели пред две недели кога температурата ноќе се спушти и до минус 8 степени палеле оган низ овоштарниците и ги загревале со чадот овошките да не измрзнат, но сега поради големата влажност и тежина на снегот вели попусто било и покривањето на овошките со најлони.
„Состојбата ќе биде алармантна доколку температурите повторно се спуштат во утринските часови како што се најавува до -8 степени. Штетата од пред 2 седмици беше повеќе од 70 проценти, но доколку се повтори истото ќе биде 100 проценти уништен род на сите овошки: праски, сливи, цреши, јаболка па дури и првата берба на јагодите. Најмногу оштетени ќе бидат семејствата кои егзистираат само од овоштарство и ќе биде многу тешка година за нив“, вели Виолета Јанеска овоштар од Бистрица, Битолско.
Семејството Јанески обработува 3 хектари со овоштарници. На површина од 2 хектари се одгледува сортата златен делишес и грини смит. На околу половина хектар има насади со праски, и секако туку се сливите и јагодите. Во бавчите имаат и 300 корени цреши. (А.Б.)