Од НОМАГАС бараат ЈСП Скопје да не се „вади“ на нив за проблемите со превозот. Снабдувањето со гас се нормализира утре


Испораката на гас до корисниците во земјава се очекува да се стабилизира утре, најавија денес преку соопштенито до медиумите од НОМАГАС. Од таму реагираат и на известувањето од ЈСП Скопје за можни отстапувања и евентуални промени во возниот ред, при што посочуваат дека ова јавно претпријатие веќе една година не е директен корисник преку станицата од НОМАГАС АД Скопје.

„Што се однесува до известувањето од ЈСП Скопје за можни отстапувања и евентуални промени во возниот ред на 17.10.2025 година, истите треба да се земат со резерва“, нагласуваат од НОМАГАС. 

Притоа додаваат дека едната причина за тоа е фактот што ремонтните работи и прекинот се од 13.10.2025 година до 17.10.2025 година и претходниве три денови, вклучително со денес четири денови, факт е дека ЈСП Скопје немале проблем во функционирањето, а се проблематизира 17.10.2025 година кога треба да се стабилизира испораката на природен гас.

„Исто така информираме дека ЈСП Скопје веќе скоро една година од 01.12.2025 година не се наши директни корисници преку станицата од НОМАГАС АД Скопје која се наоѓа на нивната територија“, се вели во соопштението.

Со оглед на наведеното, како што се додава, доколку постои друга причина за можни отстапувања и евентуални промени во возниот ред од ЈСП Скопје не е коректно да се посочува на НОМАГАС АД Скопје за сензитивна тема како што е градскиот превоз во Градот Скопје.

Од НОМАГАС потсетуваат дека поради планирани ремонтни работи на регионалните гасоводни системи во соседството, се соочуваат со привремен прекин на испораката на природен гас кон Македонија. Ваквите ремонтни активности не се во ингеренции на НОМАГАС АД Скопје од причини што не се вршат на сопствениот гасовод.

Имајќи го во предвид наведеното, активно и ажурно се следи состојбата 24 часа на ден и во рамките на расположлилвите можности се превземаат сите неопходни мерки за соодветно да се постапи и да се избегнат негативните страни на прекинот колку што е можно повеќе.

„Согласно досегашните информации кои ги имаме, ремонтните работи треба да завршат на време и веќе утре на 17 октомври треба да се стабилизира испораката на природен гас. Доколку добиеме известување за евентуални пролонгирања, дополнително ќе Ве известиме“. се вели во соопштенито на НОМАГАС.