Снабдувачите со струја за кои се води постапка лани свртеле 40 милиони евра


За половина компании-снабдувачи со струја во Македонија, пишува порталот „Пари“, се води постапка од страна на Регулаторната комисија за енергетика.  Податоците покажуваат дека компаниите кои ги прекршиле договорите со корисниците на струјата, или пак правеле упади во енергетскиот систем откако таа значително поскапе, лани оствариле вкупен приход од 40 милиони евра, а заедничката нето-добивка, пак, им била 1.795.000 евра. Станува збор за следниве трговци на мало со струја: Солар про, Мист енерџи, Вангард, Енерџи Активе, Елнор, У Повер и Енергија гас анд пауер.

Групирањето на податоците за различни компании не е многу благодарно, но целта е  да се открие каков е заедничкиот финасиски потенцијал на компаниите кои не постапувале согласно закон.Анализата на приходите „Пари.мк“ ја направи во соработка со платформата БизнисМрежа.мк .

ЗАРАБОТКА НА ТРГОВЦИТЕ СО СТРУЈА ПРОТИВ КОИ СЕ ВОДИ НЕКАКВА ПОСТАПКА ВО РКЕ

КОМПАНИЈА ПРИХОД 2020 ДОБИВКА/ЗАГУБА 2020
У Повер ДОО Скопје  8.450.000 +1.000.000
Енерџи актив ДООЕЛ Скопје  7.500.000   +595.000
Мист енерџи ДООЕЛ Скопје  1.520.000 + 166.600
Енерџи гас енд пауер 10.655.000 +52.000
Вангард ДОО Скопје 225.000 +770
Солар про ДОО Скопје 227 -2.500
Елнор ДООЕЛ Скопје 11.750.000 – 16.000

 Како што може да се забележи од табелата, најголема добивка минатата година остварила компанијата „У повер“. Ланската добивка и била 1 милион евра и таа е речиси 4 пати поголема од онаа што ја остварила компанијата во 2019 година. Вкупните приходи од продадената струја во 2020 година и биле околу 8,4 милиони евра. 

Компанијата „се промовираше“ во јавноста по инцидентот кога нејзиниот сопственик Аријанит Џафери физички го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во еден скопски ресторан. Нападот се случи откако на 23 септември Бислимоски изјави дека  Регулаторна комисија за енергетика отпочна постапки за одземање на лиценци на двајца снабдувачи на електрична енергија, друштвото за производство, трговија и услуги „Мист енерџи ДООЕЛ Скопје“  и друштвото за трговија со електрична енергија „У повер ДОО експорт-импорт Скопје“.

– „Мист енерџи„ и „У повер“ не купиле електрична енергија навреме и сега кога цените на берзите се зголемија, количините кои им недостигаат ги надополнувале од резервите на МЕПСО кои се наменети за балансирање на електроенергетскиот систем. МЕПСО ја алармираше РКЕ дека е евидентирано неоправдано зголемено ангажирање на електричната енергија која се користи за исклучителни ситуации – изјави Бислимоски.

„Мист енерџи“ има „поскромна“ ланска добивка од 166.000 евра, реализирано благодарејќи на вкупниот приход од над 1,5 милиони евра. И оваа компанија во 2020 година поминала многу подобро отколку во 2019 година која ја завршила со добивка од само 5.000 евра.

На второ место по добивка меѓу компаниите за кои се води постапка е „Енерџи актив“ со профит од речиси 600.000 евра направен минатата година. Оваа компанија минатата година направила приход од околу 7,5 милиони евра.

„Елнор“ пак, е на прво место по остварен приход од дури 11.750.000 евра во текот на минатата година. Но, таа е на дното на табелта во однос на својата профитабилност – со остварен минус од 16.000 евра во минатата година.

За „Елнор“ се води постапка затоа што компанијата има Договор за балансна одговорност со АД МЕПСО и Договор за формирање балансна група со операторот на пазарот на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, со почеток од 01.10.2021 година, но МЕПСО информирал дека немал информации дали овој снабдувач снабдува потрошувачи на дистрибутивно ниво. Регулаторната комисја ова го оцени како  „нарушување на конкуренцијата и фер однесувањето на пазарните учесници“ и како „, загрозување на стабилноста на електроенергетскиот систем“.

На второ место по приход во друштвото на овие компании е „Енерџи гас енд пауер“ . Компанијата лани имала приход од над 10,6 милиони евра, но реализираната нето-добивка била само 52.000 евра.

– За снабдувачот со електрична енергија Енергија гас енд пауер ДООЕЛ Скопје, РКЕ донесе одлука за преземање на мерки со што практично снабдувачот треба да достави докази дека ја има обезбедено потребната количина на електрична енергија за потрошувачите – изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Беслимоски. (Пари.мк)