Случајна или намерна амнезија на Османи – државниот секретар Мајк Помпео беше во 2019

Мајк Помпео на разговорите со Пендаровски и заев предупреди на руските ботови и кинеските матни инвестиции


Стево Пендаровски и Мајк Помпео за време на средбата во Охрид

 

Велејќи дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен најверојатно ќе дојде во Скопје на министерскиот состанок на ОБСЕ (поинаква информација не добил) македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи рече дека тоа би била прва посета на вакво ниво од САД од 2001 кога дојде Колин Пауел.

Но, дали затоа што тоа би бил некаков вид триумф за него како домаќин и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи во интервјуто за „360 степени“ намерно (или случајно) заборави дека еден друг американски државен секретар беше во Македонија – Мајк Помпео. Тој беше во Македонија на почетокот на октомври 2019.

Додуша, неговиот престој беше во Охрид, а не во Скопје. Помпео (државен секретар за време на администрацијата на Доналд Трамп) тогаш имаше разговори на нависоко ниво – со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев. Помпео беше на регионална турнеја – беше во Италија, Црна Гора, па дојде во Македонија и потоа замина за Грција. Бујар Османи би требало да се сеќава на посетата на Помпео затоа што беше вицепремиер за европски работи, а Никола Димитров шеф на дипломатијата.

Османи би требало да се сеќава на посетата на Мајк Помпео и поради неговите исклучително остри и прецизни зборови во Охрид околу мешањето на Русија и Кина во регионот. „Срцата и умовите на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата напред, а не руските ботови на социјалните медиуми. Би сакал да ве предупредам и за учеството на Кина во полето на чувствителните технологии и нивната стратегија на подмитување при обезбедувањето на зделките“, изјави тогаш Помпео. „Државата треба напред да ја водат срцата и умовите на граѓаните на С. Македонија, а не руските ботови на социјалните мрежи“, рече Помпео на кусата прес-конференција со Заев.

Тој тогаш ги поздрави Договорот од Преспа и Спогодбата за добрососедство со Бугарија и рече дека мора да продолжи борбата против корупцијата и напорите да се спроведува владеење на правото.

„Како водечка демократија во светот САД ги поддржуваат државите кои се борат за владеење на правото, а борбата против корупцијата е од клучна важност како за членството во НАТО и ЕУ, така и за вашите граѓани“, рече Помпео. (Н.В.)