Случаите од „бомбите“ го надживеaја СЈО

Предметите од „бомбите“ се селат во редовното обвинителство, а обвинителите од тимот на Катица Јанева се враќаат во обвинителствата во кои работеле претходно. На ваков начин, според информациите, ќе се реши статусот на досегашното Специјално јавно обвинителство по информациите дека единственото нешто околу што постигнале согласност лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на маратонската средба во Собранието било дека „СЈО е мртво“.
Сепак, премиерот Заев тврдеше вчера дека предметите што произлегоа од снимките од прислушуваните разговори ќе го преживеат распадот на обвинителството кое беше формирано во екот на политичката криза во земјава во 2015 година. Предметите од СЈО, според него, ќе продолжат да се процесираат, но во судница и надвор од какво било политичко влијание. Потврда за тоа во текот на денот дојде и од СЈО, од каде што информираа дека пристигнал дописот од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за префрлање на предметите. Од СЈО најавија дека денеска ќе соопштат детали за тоа како ќе се одвива трансферот на предметите.
Во меѓувреме во Кривичниот суд се одложуваа судењата што ги водат обвинителите од СЈО. По „Транспортер“, вчера на барање на обвинителот Бурим Рустеми беше одложено и судењето за ТНТ. Извори од Владата брифираа дека шефот на Јавното обвинителство ќе одреди кој јавен обвинител ќе го продолжи водењето на секој од процесите. Според тоа, неизвесно е се уште дали истите обвинители ќе останат да ги водат сите предмети што ги отвори досега СЈО, независно од тоа во која фаза во постапката се. Повеќето од обвинителите што во изминатите четири години беа во екипата на Јанева, согласно одредбите од законот за СЈО, сега се враќаат во матичните обвинителства. Поточно, повеќето од нив ќе се вратат во Основното обвинителство – Скопје, со исклучок на Лиле Стефанова, која дојде во СЈО од Обвинителството за организиран криминал и уште неколкумина обвинители од обвинителства во внатрешноста, како Кочани и Куманово.
Што се однесува до новиот владин закон за јавно обвинителство, со кој требаше да се реши статусот на СЈО, не е исклучено тој да биде повлечен или да остане „заборавен“ во собраниските архиви. Иако и Заев и Мицкоски вчера оставија отворена врата за продолжување на преговорите, информациите што доаѓаат од Владата се во насока на тоа дека во суштина нема потреба од нова регулатива за целиот јавнообвинителскиот систем, освен што биле направени напори на ваков начин да се обезбеди иднината на СЈО, преку негово интегрирање во редовното обвинителство. Според тоа, ако не се обезбеди двотретинско мнозинство за донесување на законот со кој се предвидува спојување на СЈО со Обвинителството за организиран криминал, тогаш останува решението според кое Јовески ќе одлучува кој обвинител ќе го продолжи процесирањето на предметите од „бомбите“. Многу веројатно е дека во парламентот нема да има ниту гласање за разрешување на Јанева, со оглед на тоа што нејзиниот мандат завршува в недела, а СДСМ, на вчерашната собраниска седница, го одби предлогот на опозицијата дневниот ред да се дополни со точката за разрешување на специјалната јавна обвинителка, чиј тим сега се растура, а предметите, на нејзино барање – испратено од притворот во „Шутка“, се селат во државното обвинителство.
Со оглед на неизвесноста дали воопшто ќе се гласа за новиот закон за јавно обвинителство, сè поизвесно станува дека Вилма Русковска останува на позицијата шефица на Обвинителството за организиран криминал, иако имаше шанси да дојде на чело на новото обвинителство кое, освен организиран криминал, требаше да гони и висок профил на корупција. На новинарско прашање во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за смена на Русковска, кое доминирало и на лидерската средба, Заев одговори дека поединци не смеат да бидат пречка за ниту едно системско решение.
– Русковска води важни актуелни предмети и не може да го смените обвинителот ако така му одговара на Заев или на Мицкоски. Истрагата треба да оди до крај. Со евентуална смена на Русковска ќе пратиме порака дека се плашиме да не дојде до нас. Не е до политичарите да кажуваат каде води „Рекет“ или која било друга истрага. Наше е да обезбедиме независна истрага, а не да кажуваме дали „Рекет“ води до Заев или Мицкоски – рече Заев.
Условувањата со кои настапил Мицкоски тој ги оцени како „груевизам до доцна во ноќта“ и како барања против секоја логика, против правдата, против ЕУ и НАТО и против граѓаните.
– Разочаран сум од исходот на лидерската средба и од однесувањето на Мискоски и на ВМРО-ДПМНЕ. Имав некоја надеж дека е можно да ја сменат матрицата и да излезат од заложништвото на своите претходници. Но, за жал, тоа не се случи. Колку и да бидеме ние попустливи и компромисни во преговорите, на крајот, секојпат, постојано, кај Мицкоски сè се сведува на едно барање – амнестија или уништување, запирање и крај на случаите од претходниот режим – рече Заев.
Од Владата брифираа дека единствена цел на опозицијата било уништување на сите предмети од СЈО до 30 јуни 2017 година. Тоа, како што се посочува, сакале да го постигнат така што нивен обвинител би ги преземал сите предметите за подоцна да ги затвори и уништи. За предметите по 30 јуни, пак, наводно, барале да се затворат со закон. На претставниците на ВМРО-ДПМНЕ им било понудено формирање нова обвинителска институција која ќе гони висока корупција сторена од избрани и именувани функционери – од сега па во иднина, со нови случаи, без разлика кој е на власт.
-Предлогот беше шеф на таа нова обвинителска институција да предлага опозицијата, но и тоа го одбија зашто нив не ги интересира иднината на правната држава, нив ги интересира да нема правда за предметите на СЈО – брифираа од владејачкиот табор.
На обвинувањата од власта дека барал амнестија по заобиколен пат за поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, од опозицијата возвратија дека, всушност, премиерот барал амнестија за сите со тоа што не прифатил новото обвинителство да се занимава со сите предмети со корупција, без оглед на времето на предметот и на извршителот. Според Мицкоски, понудата на Заев била ново СЈО, водено од страна на еден од десеттемина помошници на Катица Јанева како офанзивна алатка, и обвинителство што ќе го води Русковска, како дефанзивна алатка. ВМРО-ДПМНЕ, како што изнесе Мицкоски на прес-конференцијата, се согласила да постои јавно обвинителство за гонење висока корупција и опозицијата да предложи обвинител, со додадените надлежности кои се однесуваат на гонење на криминал на лица кои се избрани и именувани. Но, вели Мицкоски, доколку сакаме договор мора да се почитува законот за СЈО, а тоа е дека по престанокот на мандатот на специјалната јавна обвинителка, престанува и мандатот на нејзините помошници и тие се враќаат во матичните обвинителства од каде што дошле. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Заев рекол дека случајот „Рекет“, во кој е осомничена и специјалната јавна обвинителка, која е избрано лице, ќе остане кај постојната обвинителка, односно кај Русковска. Зошто тогаш, праша Мицкоски, договараме надлежности за гонење на корупција на избрани и именувани функционери.

Мицкоски мавта со папка со искази за „Рекет“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, покажа папка на крајот на вчерашната прес-конференција, посочувајќи дека ги поседува сите искази што повиканите лица ги дале во Обвинителството за организиран криминал за случајот „Рекет“. Исказите, како што рече, ги добил од свиркачи.
– Свиркачи ги донесоа во ВМРО-ДПМНЕ исказите што се дадени кај обвинителката која го води предметот „Рекет“, наредбите за вештачење и резултатите од вештачењето. Тука моето име го нема, но има имиња на луѓе од власта. Внимателно ќе го набљудуваме развојот на настаните и нема да правиме воајерски шоуа презентирајќи ги овие документи, сè додека гледаме дека постои барем минимална објективност во водењето на случајот. Првиот момент кога ќе видиме дека некој сака да ги штити лицата, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги даде сите овие документи на увид на јавноста – рече Мицкоски.
Тој рече дека нема да го тужи премиерот Зоран Заев затоа што неколку часа претходно изјави дека „Рекет“ може да води до Мицкоски. Заев појаснил подоцна дека рекол така затоа што Мицкоски претходно рекол дека „Рекет“ води до Заев.
Според Обвинителството, поседување изјави од предистрага и наредби од истрага е кривично дело бидејќи оној што ги дал тие документи не е свиркач туку прави кривично дело.
– Многу е веројатно дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да објасни како ги добил овие документи – изјавиле од ова Обвинителството.

Александра М. Митевска

Фото: Б. Грданоски