Словенија, Турција и Србија се лидери во иновациите во ЈИ Европа, Македонија меѓу „скромните иноватори“
Словенија е рангирана на највисоко место меѓу земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) во однос на националните системи за иновации, а потоа следат Турција и Србија, објави Европската комисија.
Словенија ја следат две земји кои не се членки на ЕУ, Турција и Србија, додека Романија и Бугарија се единствените членки на ЕУ во групата скромни иноватори, со оценка под 50 отсто од просекот на ЕУ, објави Европската комисија во најновото издание на годишната табела за иновации во Европа.
Сепак, Словенија беше единствената земја во групата 12 умерени иноватори што забележа намалување од 9,9 отсто на резултатите, поради влошување на перформансите на новите докторати, пренесеува СЕЕбиз.
Перформансите на Србија беа особено силни бидејќи земјата го зголеми својот резултат за 13,2 отсто, поради силниот продор на широкопојасната мрежа. Турција го подобри својот резултат за 12,5 отсто, а заедно со Словенија е единствената земја од ЈИЕ во групата умерени иноватори.
Црна Гора, која за прв пат е вклучена во табелата и Северна Македонија се меѓу скромните иноватори, иако нивните резултати се зголемија за 5,0 отсто и 14,8 отсто, соодветно.
Резултатот на Бугарија беше 49 отсто од просекот на ЕУ за 2012 година и 45 отсто од оценката на ЕУ за 2019 година, со најниски показатели во трошењето на истражување и развој во јавниот сектор, јавно-приватни ко-публикации, најмногу цитирани публикации и доживотно учење.
Романија беше најлоша, со резултат еднаков на 34 отсто од просекот на ЕУ за 2012 година и 32 отсто од просекот на ЕУ за 2019 година.