Словенечките банки за пет месеци остварија нето добивка од 410 милиони евра


Од јануари до мај, банките оствариле 409,9 милиони евра нето добивка, што е за 6,6 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Нето каматите продолжија да растат, додека некаматните приходи се намалија. Формирањето нето загуби и резервации значително се зголеми.

Во првите пет месеци од годинава добивката на банките пред оданочување е зголемена за 7,9 отсто на 472,4 милиони евра. Нето каматите се зголемени за 23,6 отсто на 668,6 милиони евра, додека некаматните приходи се намалени за 4,1 отсто на 258,8 милиони евра, објави Банката на Словенија.

Бруто приходите се зголемени за 14,4 отсто на 927,4 милиони евра. Оперативните трошоци се зголемени на годишна основа за 19,1 отсто на 428,6 милиони евра. Банките формираа 26,4 милиони евра нето-вредносни корекции и резервации што е за 102,3 отсто повеќе во однос на истиот период лани.

Банките благо го зголемија обемот на кредити на небанкарскиот сектор. На годишно ниво растот на кредитите на небанкарскиот сектор во мај изнесува 0,5 отсто. Кредитите на населението се зголемени за пет отсто, од кои станбените за 1,8 отсто, а потрошувачките за 16 отсто. Кредитите на фирмите се зголемени за 11,6 отсто.

Депозитите на небанкарскиот сектор се зголемени за 2,8 отсто на годишна основа. Депозитите на домаќинствата се зголемени за 2,6 отсто, а на корпоративните за 9,2 отсто. Депозитите на компаниите во мај се намалени за 1,6 отсто, а на населението се зголемиле за 0,6 отсто.