Словачката Влада нема да бара гласање доверба и покрај загубеното мнозинство


Словачката Влада не планира да бара гласање доверба во парламентот по заминувањето на коалицискиот партнер, што ја чинеше централнодесничарската влада губење на парламентарно мнозинство, изјави денеска премиерот Едуард Хегер.

Британските медиуми пренесуваат дека словачката Влада доживеа потрес откако партијата Слобода и солидарност (СаС) ја напушти владејачката коалиција поради конфликт со нејзиниот поранешен член, а сега актуелен министер за финансии Игор Матовиќ.

-Не е наша должност да добиваме редовна поддршка, па не гледам зошто такво барање треба да се најде на маса, рече Хегер, иако е свесен дека има 70 (од 150) гласови во парламентот.

Тој додаде дека може веднаш да поднесе оставка, но нагласи дека нема да се повлече поради енергетската криза во Европа која бара многу решенија.

Се посочува дека промената на власта во Словачка би можела на власт да донесе проруско мнозинство доколку ја вклучи и партијата „Смер“ на поранешниот премиер Роберт Фицо, која сега е во опозиција.

Партијата САС изјави дека ќе биде силна опозиција, но дека нема да има за цел да ја собори владата и дека може да и се врати доколку Матовиќ ја напушти.

-Ние во основа сакаме владата на Хегер да го заврши својот мандат и би било идеално Матовиќ да си замине и ние да се вратиме, изјави вчера лидерот на партијата Ричард Сулик, додавајќи дека САС сака владата да го заврши својот мандат за да нема „враќање на темните сили на Фицо.

Оставки вчера поднесоа министрите за надворешни работи, образование и правда, следејќи го примерот на нивниот партиски лидер и министер за економија Ричард Сулик.