Словачка наскоро би можела да стане најновиот сојузник на Русија

Роберт Фицо, поранешниот премиер кој ја пофалува Москва и се моделира како Виктор Орбан, води на анкетите за претстојните избори


Премиерот Роберт Фицо

 

Словачка е многу поважна отколку што сфаќа Европа. На 30 септември малата европска земја одржува парламентарни избори кои ќе имаат последици далеку од нејзините граници. Ако анкетите се точни, тоа би го означило враќањето на Роберт Фицо: човек кој искажува пофалби на Москва и се моделира како Виктор Орбан, лидерот  во соседна Унгарија. Европската унија и НАТО наскоро би можеле да имаат новa проблематичna членка.

Кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, Словачка се вклучи во одбрана на украинскиот суверенитет. По глава на жител, таа беше една од најверните поддржувачи на Киев, станувајќи првата земја од НАТО што испрати борбени авиони. Доколку биде избран Фицо, постои опасност да направи пресврт од 180 степени и да му даде поддршка на Владимир Путин.

Словачка, земја со само 5 милиони жители, е полигон за тестирање на моќта на пропагандата. Минатата година, поранешен одбранбен аташе беше фатен на дело како му нуди пари на словачки новинар за да продава пропаганда на Кремљ за војната во Украина и многу повеќе. Кога видеото беше објавено пред една и пол година од страна на весникот Деник Н, стана вирално и дипломатот беше протеран.

 Доминика Хајду, раководител на Центарот за демократија и издржливост вели дека 50 отсто од Словаците веруваат дека САД се безбедносен ризик, бројка што значително се зголеми од пред само неколку години, додека само 40 отсто од Словаците веруваат дека Русија е првенствено одговорна за војната во Украина, најмал процент во централна и источна Европа.

Неколку години по распаѓањето на Чехословачка во 1993 година, новонезависната словачка држава на југ веќе беше причина за загриженост на Западот. Додека другите посткомунистички држави ја прифатија либералната демократија со ентузијазам, американската државна секретарка Медлин Олбрајт ја нарече Словачка „црна дупка“ на регионот. Членството во НАТО беше одложено. На крајот се приклучи во 2004 година, а истата година, исто така, стана дел од ЕУ. Претпоставката тогаш во двете од овие институции беше дека Словачка, конечно, има решен идентитет и решен збир на сојузи.

Потоа дојде Фицо, прототип на популист. Како премиер помеѓу 2006 и 2010 година, а потоа и од 2012 до 2018 година, тој удри против Западот за да ја придобие својата домашна публика, но внимаваше да не оди против меѓународниот статус кво. Она што се случи потоа ја потресе Словачка до срж. Јан Куцијак, млад истражувачки новинар, истражуваше за корупција во која беше вмешана владата на Фицо, субвенциите од ЕУ и италијанската мафија. На 21 февруари 2018 година, Куцијак и неговата свршеница, Мартина Кушнирова, археолог, беа убиени од нарачани убијци во нивниот стан надвор од главниот град.

Во најголемите демонстрации од Кадифената револуција која го урна комунизмот во 1989 година, десетици илјади Словаци излегоа на улиците за да го изразат својот бес. На крајот, Фицо и целиот негов кабинет беа принудени да дадат оставка – не пред да го обвини американскиот милијардер Џорџ Сорос за поттикнување на протестите.

Надежта произлезе од ужасот. Во јуни 2019 година, еколошката активистка и адвокатка, Зузана Чапутова, сензационално победи на претседателските избори. Месеци подоцна беше изгласана нова влада, која најавуваше промени. Меѓутоа, за неколку недели по преземањето на функцијата започна пандемијата, а исто така и нејзините проблеми. Словачка во изминатите четири години имаше четворица премиери. Последователните коалиции доаѓаа и си заминуваа, борејќи се да се справат со ковид, инфлацијата, енергетската криза и војната. Последната администрација пропадна во декември поради многу внатрешни борби и оттогаш земјата тоне надолу. Тоа беше прилика за враќање за Фицо.

Како копија на Орбан тој го помина времето во опозиција, движејќи се понатаму надесно, осудувајќи ги „украинските фашисти“ и противејќи се на одлуката на словачката влада да испорача било какво оружје во Украина. Тој потоа ја нарече Чапутова „американски агент“ и, како ехо на Доналд Трамп, ги опиша неодамнешните апсења на високи шефови на разузнавањето како „државен удар предводен од полицијата“. Објавено е дека има до 2.000 Фејсбук страници кои споделуваат антизападна пропаганда, при што Чапутова предупредува на „информативна бура“ од политички осуди од десницата, поддршка од Русија. За жал, нејзе ѝ е доста и нема да се кандидира за втор мандат.

Партијата на Фицо, Смер-СД, е пред другите партии во анкетите. Поминав еден час со нејзиниот потпретседател, седејќи на тераса пред парламентот. Лубош Блаха го врамува конфликтот на Русија со Западот помалку во воена смисла, а повеќе како културна војна.

„Ние го гледаме тоа како прокси војна на САД против Русија на украинска територија“, вели тој. „Прашањето не е Русија или демократијата. Станува збор за тоа Русија да го заштити нејзиниот  културен, национален идентитет против оваа либерална манија на Запад“.

Додека тој зборува, гледам преку Дунав кон шумата што ја означува Австрија напред. Се сеќавам на 1980-тите: силно утврдената граница на само неколку километри подалеку, железната завеса, која затвори генерации Чехословаци.

Опасноста е секогаш присутна, но има уште многу да се игра. Изборните кампањи во Словачка често завршуваат со драматични промени во последен момент, а комплицираниот систем на гласање ќе го направи сложено градењето на коалицијата. Она што е несомнено, сепак, е дека Фицо повторно е главен играч и политиката што ја застапува повторно е во мода. Тоа е мерка за тоа колку политиката стана неуредна и колку вербата во либералната демократија е нагризана овде, во срцето на Европа. (Џон КампфнерГардијан)