Словачка: Лекарите антиваксери ќе ја загубат лиценцата
Неприфатливо е лекар да го доведува во прашање постоењето на Ковид-19, соопштија властите

Словачкиот орган за надзор на здравствената заштита започна со истрага на група лекари од висок профил за ширење опасни дезинформации поврзани со Ковид-19, што може да доведе до губење на нивните медицински лиценци.
„Неприфатливо е лекар да го доведува во прашање постоењето на Ковид-19, да тврди дека вакцините се измама или да препорачува лекови кои не се индицирани како третман за болеста“, соопшти владината агенција во понеделникот.
Групата од пет лекари под истрага е активна на социјалните мрежи и веб-страниците за дезинформации, препорачувајќи го ветеринарниот лек „ивермектин“ и водејќи кампања против вакцинација. Еден од лекарите доби казна од 500 евра, издадена од Словачката лекарска комора, невладина професионална организација, но таа не ги прекина неговите активности.
Властите сакаат да направат повеќе во борбата против дезинформациите и сега го споделуваат знаењето со Австриската лекарска комора, која веќе одзеде лиценца на еден лекар за давање погрешни информации.
Агенцијата исто така побара од медиумите да не објавуваат изјави на петте лекари и ги повика социјалните мрежи да ги избришат нивните објави што водат кон дезинформации.
Словачка е меѓу најмалку вакцинираните земји во ЕУ, при што само 47% од нејзиното население примило две дози Ковид-19 и помалку од 13% примиле трета доза.