Слики од под планината – изложба на Сергеј Андреевски во Македонскиот КИЦ во Софија


На 7 ноември (петок) 2025, од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот КИЦ во Софија ќе биде отворена изложбата „Слики од под планината“ на македонскиот сликар Сергеј Андреевски.

Изложбата е составена од 20 слики, насликани со маслени бои, во кои авторот преку својот препознатлив стил и експресија ги изразува своите моментални чувства. Фигуративните сцени се често претставени во зелена средина, секојдневни сцени, наизглед обични, но создадени со авторовите силни чувства кои зрачат, зборуваат и никого не оставаат рамнодушен.

Сергеј Андреевски е роден 1960 година во Скопје. Своето високо образование го стекнал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде дипломирал во 1986 година. Од 1987 до 2010 година имал студиски престои, резиденции, предавања во градовите Рим во Италија, Нирнберг во Германија, Архус во Данска, Париз во Франција, Имадате во Јапонија, Истанбул во Турција, Лексингтон во САД, Кромарти во Шкотска, Александрија во Египет, Сиди Бу Саид во Тунис.

Самостојните претставувања на уметноста на Сергеј Андреевски се над 60 изложби во Македонија, Јапонија, САД, Франција , Германија, Велика Британија, Словачка, Словедија и Србија. Учествувал во над 200 групни претставувања ширум светот.

Неговите дела се дел од поставки на приватни колекционери и национални установи во земјава, а уште повеќе во странство (Германија, Франција, Словачка, Велика Британија, Турција, САД, Тунис, Египет, Јапонија, Кина, Индија, Јужна Африка, Австралија, Нов Зеланд и др.).