Следната недела ќе биде нов „11 Септември“ за Американците


 Шефот на американската Служба за јавно здравје на САД, Џером Адамс денеска го спореди терористичкиот напад на 11 септември 2001 година и нападот на Перл Харбор со она што очекува Американците да го сторат во следната недела за борба против епидемијата на коронавирусот.

Тој истакна дека тоа ќе биде најтешкиот момент во животот за многу Американци.

– Навистина мораме да разбереме дека сите мора да ја одиграат својата улога ако сакаме да ја израмниме кривата и да преминеме на другата страна, изјави Адамс за Ен-Би-Си.

Ентони Фаучи, главен експерт за заразни болести во тимот на Белата куќа за борба против коронавирусот, предупреди дека ситуацијата ќе биде лоша и дека Американците треба да бидат подготвени за тоа.

– За некои ќе биде шокантно, а сигурно дека ќе биде навистина вознемирувачко да се види тоа, рече Фаучи.

Наспроти ваквите коментари, американскиот претседател Доналд Трамп на вчерашниот брифинг оцени дека „се гледа светлото на крајот од тунелот“.

Тој рече дека САД нарачале 29 милиони таблети хидроксихлорикин, лек кој се користи против маларија, но досега не е докажано дали е ефикасен против Ковид-19.