Австриската министерка Мајнл-Рајзингер бара земјите кандидатки да бидат дел од регулативата „Произведено во Европа“


Шефицата на австриската дипломатија Беате Мајнл-Рајзингер официјално побара од и земјите кандидатки за членство во Европската Унија да бидат вклучени во планираната регулатива „Произведено во Европа“ (Made in Europe), за да можат да добијат средства од буџетот на ЕУ.

Во ЕУ се води дискусија за деталите на регулативата „Произведено во Европа“, чија цел е да се осигури дека, при јавните набавки и доделувањето субвенции поголем дел од средствата би останале во рамките на ЕУ.

Мајнл-Рајзингер оцени дека Западен Балкан, Украина и Молдавија, исто така, треба да бидат вклучени во можноста за добивање субвенции од буџетот на ЕУ.

Мотивот за иницијативата на Мајнл-Рајзингер е загриженоста дека средствата од ЕУ, доделени во рамките на иницијативата „Произведено во Европа“, би можеле да завршат во други делови од светот.

Таа, исто така, предлага земјите кандидати да учествуваат на состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ „најмалку еднаш на секои шест месеци“. Според Мајнл-Рајзингер тоа би придонело за „унапредување и обезбедување“ на усогласувањето на овие земји со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.