Планот на Инфантино требало да го продаде фудбалот на 96 години
Неуспешниот план на Џани Инфантино, наречен „Fifa Forward Enterprise“ (FFE), можеше да го „зароби“ фудбалот во период до 96 години, при што раководството на шемата би добивало до 5% од нејзината вредност, која се мери во милијарди долари, се наведува во документите до кои дојде весникот „Гардијан“.
Претходно необјавени комуникации помеѓу ФИФА и „Thrive Capital“ – водечкиот инвеститор во овој предлог – фрлаат ново светло врз договорот за продажба на „крунските скапоцености“ на фудбалот. Документите откриваат план, изготвен само неколку дена пред јулското финале на Светското првенство, чија цел била остварување профит од растечките комерцијални приходи во спортот во текот на речиси еден век.
Инфантино се надева дека во март ќе биде реизбран за претседател по четврти пат, а воедно е и фаворит за победа на тие избори.
Во внатрешна проценка на ризикот на ФИФА од 17 јули – подготвена како еден од последните чекори пред склучувањето на договорот за FFE – детално е опишан огромниот опфат на оваа шема. „Овој договор предвидува ФИФА да формира подружница со профитна цел, на која би ѝ биле пренесени сите комерцијални права за настаните на ФИФА, со цел нивна комерцијална експлоатација во следните 96 години“, се вели во еден од деловите на документот.
Во друг внатрешен документ на ФИФА, составен следниот ден, во кој се разработува предложениот договор со „Thrive“, се наведува дека договорот би опфаќал „последователни лиценцни периоди од по 12 години, до вкупно времетраење од 96 години“. Исто така, се прецизира дека ФИФА би задржала 51% сопственост „трајно“.
Постоењето на профитабилен „план за поттикнување на раководството“ (management incentive plan) – наменет за неименувани поединци кои би управувале со шемата – јасно покажува колкав профит би можеле да остварат нејзините творци. Овој план првпат се споменува во документот со основни услови и во т.н. „backstop letter“ (гарантно писмо), изготвени од „Thrive“ на 17 јули. Во нив, FFE се нарекува „Проект Кутија“ и се предвидува издвојување на до 5% од акциите на FFE како фонд за бонуси за раководството на новата компанија. Теоретски, тоа би значело исплата на сума до 50 милиони долари (38,2 милиони фунти) за секоја милијарда долари зголемување на вредноста на шемата над почетната проценка од 20 милијарди долари. Во документот со основните услови се наведува дека планот „ќе овозможи издавање на удели во добивката кои претставуваат до 5% од целосно разредената капитализација на FFE, што ќе доведе до разредување на сите иматели на удели, пропорционално на нивното учество“. Според дописот на ФИФА, целта на постоењето на овој фонд била да се „обезбеди доволна мотивација за постигнување добри резултати“.
ФИФА постојано негираше дека Инфантино би можел лично да оствари добивка од FFE, што отвора прашања за тоа кој всушност би имал корист од планот за поттикнување на раководството.