Славните мјузикли на Лојд Вебер од Бродвеј се селат бесплатно на Јутјуб


Англија- Фановите на музичкиот театар принудени да останат дома поради пандемијата на коронавирус ќе можат да гледаат неколку од најпопуларните дела на британскиот композитор Ендрју Лојд Вебер бесплатно на Јутјуб секоја недела.

Серијата музикли, насловена The Shows Must Go On! („Шоуaтa мора да продолжaт!“), ќе започне во петок со филмска верзија од 2000 година на Веберовата „Јосип и дречливите бои на неговите сништа“ (Joseph and the Amazing Technicolor Dreamcoat)  во кој глумат Дони Осмонд и Џоан Колинс. Ќе биде достапен 48 часа од 18:00 часот (GMТ временска зона).

Иако програмата ќе оди бесплатно на Јутјуб, луѓето ќе бидат охрабрувани да донираат во различни добротворни цели кои ќе бидат посочени на секое видео.

Лојд Вебер светската слава ја постигна со прочуениот мјузикл „Мачки“, кој е еден од најдолго играните мјузикли, на лондонската сцена е изведуван 21 година, а на Бродвеј 18 години.

Тој основаше фондација за помош на уметниците и за развој на уметности. Посебен придонес даде во 2010 година, кога на една аукција продаде слика од Пабло Пикасо од својата приватна колекција, а приходот од 37 милиони фунти го пренасочи за понатамошна работа на својата фондација.